Чекајќи го крајот на пандемијата

За периодот 1 декември лани - 12 јануари годинава во Скопје се вакцинирале само 4.447 лица со прва доза и 16.221 со трета. Македонија како целосно да се препушти на стратегијата „ќе чекаме, ќе видиме“. Што прават надлежните?


Чекајќи го крајот на пандемијата со корона вирусот Македонија како целосно да се препушти на она што во економијата се означува како стратегија „ќе чекаме, ќе видиме“, карактеристична за субјекти кои ниту можат да ја креираат, односно создаваат или моделираат иднината, ниту пак, брзо да се прилагодуваат на промените. Се чини дека сите надежи се ставени на картата дека варијантата Омикрон на корона вирусот ќе биде и неговиот крај и дека вака или онака ќе ги помине сите – и вакцинираните и оние кои до сега не се имунизирале. Ваквите околности придонесуваат уште повеќе вакцинацијата дополнително да се запоставува.

Податокот соопштен деновиве дека за периодот 1 декември лани – 12 јануари годинава во Скопје се вакцинирале само 4.447 лица со прва доза и 16.221 со трета, доволно зборува во таа насока. Веројатно тука лежи и одговорот на прашањето зошто не се соопштуваат почесто ваквите податоци – како што тоа беше во почетокот на вакцинацијата кога бројот на вакцинирани во земјата дневно надминуваше и 12-13 илјади лица.

Изборот на нова Влада и сето она што изминатиот период се случуваше на политички план, можеби придонесе вниманието да се дефокусира од главниот проблем со кој се соочува не само нашата земја, туку и целиот свет, а тоа е борбата против Ковид-19. Ниту некој се грижеше како се спроведуваат протоколите кои постојат, на пример за работењето на кафеаните. Сѐ уште се свежи сцените од предновогодишните забави, „патериците“, прославите за Стара Нова година, или одбележувањето на Водици, каде што и младите, но и повозрасните, па дури и политичари и избрани функционери пет пари не даваа за најосновните мерки кои што се уште се во сила, како што е носењето маска или држењето дистанца. Посебна приказна се ковид сертификатите и нивното покажување при влез во одредени објекти, една од донесените мерки која што во практика се заобиколува, или се изигрува.

Тешко дека некој ќе се сети кога на пример надлежните инспекциски служби излегле со податок за направени контроли и изречени санкции за непочитување на мерките. Многумина ќе речат, на народот му е преку глава од локдауни, затворања и разни ограничувања. Таквото чувство е разбирливо, но бројките кои секојдневно пристигнуваат од Министерството за здравство покажуваат дека сме далеку од посакуваното.. Така, во вторникот беа регистрирани рекордни 2.341 ново заразени со корона вирус, а починаа вкупно 26 лица. Вчера беа регистрирани 2.019 нови случаи на Ковид-19, починаа 19 лица.

Најмалку еден од тројца тестирани е позитивен на корона вирусот, а колку ги има оние кои воопшто не влегуваат во евиденцијата на Министерството за здравство, бидејќи се тестираат самите, тоа никој со сигурност не може да го потврди, иако претпоставката е дека ги има неколкукратно повеќе.

Во изминативе седум дена бројот на починати надмина стотина лица. Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека минатата недела бројот на починати во однос на претходниот период е зголемен за 76,4 отсто, пријавени се и 1.559 реинфекции, за 25 отсто повеќе во однос на претходната недела. На неделно ниво бројот на ново заразени исто така е многу висок – дури 11.610 лица. Места во болниците има сѐ помалку, а некои од клиниките во Клиничкиот центар во Скопје повторно се трансформираат во ковид-центри, што значи и помалку можности за лекување на лицата кои имаат поинакви болести и потреби.

Новата влада, притисната од други приоритети и згуснатата агенда (енергетската криза и заедничката македонско-бугарска владина седница) конечно најде време да донесе некои одлуки поврзани со пандемијата, како што е скратувањето на периодот на изолација, како и за физичко присуство на учениците во второто полугодие кое што почнува на 1 февруари. Но, состојбата во земјава налага итно мобилизирање на сите оние кои што се надлежни за справување со здравствената криза. Тоа се однесува пред сѐ на министерот за здравство, кој до сега, освен една изјава дека ќе се проширува Комисијата за заразни болести, јавноста го нема слушнато за ниту една друга актуелна тема или прашање поврзано до пандемијата – на пример, како да се засили вакцинацијата која и натаму според сите светски сознанија е најдобриот начин да се сузбие пандемијата и да се дејствува превентивно на заштита на јавното здравје.

Ваквата празнина делумно ја пополнуваат некои од лекарите, но сепак, (не)активноста на надлежните остава простор за скепса во онака поделената јавност во однос на вакцините, третманот на болеста и мерките кои што треба да се преземаат за нејзиното сузбивање.

Македонија, се разбира, не е изолирана во оваа приказна, но многу земји, секоја според сопствено наоѓање, преземаат конкретни чекори – Австрија донесе одлука за задолжителна вакцинација, во Германија предлогот е пред пратениците во Бундестагот, во некои земји задолжителната вакцинација се однесува на повозрасната популација, во многу од нив третата доза станува стандард… Паралелно со ова, некои од земјите ги олабавуваат мерките, но треба да се има предвид дека кај нив степенот на имунизација е најмалку двојно поголем од оној кај нас.

Се разбира, дебатите како против Ковид-19 продолжуваат. Интересни аргументи има Рајна Мекинтајр, член на техничката советодавна група на СЗО за развој на вакцини против Ковид-19, која во колумна за „Сандеј пејпер“, пренесена во „Пешчаник“, вели дека „негирањето на реалноста за ’живеење со ковид-19’ доведе до несовесно ширење на инфекцијата меѓу населението кое не примило бустер доза“. Иако нејзиние констатации се однесуваат на Австралија, многу од нив важат и за нашата земја. Како на пример дека негирањето на епидемиолошката наука е широко распространето дури и кај „експертите“. „Постојано ни кажуваат дека САРС-КоВ-2 ќе стане ‘ендемичен’ вирус. Сепак, никогаш нема да стане ендемичен бидејќи е епидемиска болест и секогаш ќе биде“.

Зошто е така? Клучната разлика е во начинот на ширење. Како епидемиски вирус, САРС-КоВ-2 секогаш ќе наоѓа невакциниран, недоволно вакциниран или имуно компромитиран и брзо ќе се шири во такви групи. Најлош е преносот преку воздух каде што инфекцијата наизменично се менува меѓу плимата и осеката, како што видовме во повеќе бранови САРС-КоВ-2. Ниту една ендемска болест, како што е маларијата, не се однесува вака.

Епидемиските инфекции се шират исклучително брзо, што за кратко време може да му нанесе тежок товар на здравствениот систем, па доколку не се елиминираат со вакцинација или не се потиснат со нефармацевтски мерки, респираторните епидемии предизвикуваат огромни проблеми.

„Никогаш во запишаната историја вирусот не се елиминирал со природна инфекција. Ниту вариолата, која ја покажува истата шема на ширење со илјадници години, ниту малите сипаници, која сè уште е епидемиска болест во многу земји“, посочува Мекинтајр.

Ако се имаат предвид ваквите констатации, многу е логично прашањето што прават надлежните институции за да го заштитат што подобро јавното здравје. И тука таа укажува дека многумина не ја разбираат важноста на јавното здравје и го поистоветуваат со обезбедувањето на акутна здравствена заштита во јавните болници или го мешаат со примарната здравствена заштита, и забораваат дека „јавното здравје е организирана акција на општеството за заштита и унапредување на здравјето, како и за превенција од болести, повреди и инвалидитет, а тоа е суштинска одговорност на владата“.

Многу од овие нејзини констатации, ако не и сите, се „слика и прилика“ и на состојбите кај нас. Здравствените аспекти, се што се вели „едниот крај на стапот“. Другиот се економските, односно економската цена која ја плаќаме и како поединци, но и како општество.

Едно е она што се случува во светот, каде што поради ширењето на Омикрон варијантата доаѓа до прекин на синџирите на снабдување, што посредно се чувствува и кај нас, особено во индустриите кои што се дел од поголеми меѓународни компании, како што е случајот со капацитетите за производство на компоненти за автомобилската индустрија, што се гледа и преку помалиот обем на производство и на извозот.

Друг елемент е бројот на активни ковид случаи кој надмина 20 илјади лица. Од нив сигурно голем број се вработени, кои поради нивниот позитивен статус или поради симптоми на болеста мора да седат дома. Да не зборуваме за бројот на оние кои што се во изолација поради тоа што биле во контакт со позитивно лице, или за прележаните кои што ги чувствуваат последиците од болеста.

Сигурно е дека пандемијата не ќе можеше да се спречи дури и со драстични рестриктивни мерки. Не може да живееме во стаклено ѕвоно – Македонија е со отворена економија и земја на иселеници кои во голем број доаѓаат во татковината, или нивни блиски одат кај нив во странство. Но, поорганизиран пристап, поттикнување на населението да се вакцинира и поригорозно спроведување на донесените протоколи и мерки, сигурно е дека ќе придонесеше бројките на заразени и починати да бидат помали, а со тоа и економските загуби поподносливи.

Како и е, сите надежи се дека пандемијата ќе „папса“ и дека можеби уште пролетва „ќе дишеме“ многу послободно. Но, дали ќе биде навистина така, или поради пропустите и грешките, ќе мора да ја поворуваме лекцијата?  Мекинтајр  вели: „друг резултат на овие неуспеси се ненаучните теории на кои се потпираат многу земји – како што е аргументот во корист на „колективен имунитет преку природна зараза“, кој стана широко распространет, иако имаше четири пандемични бранови кои не резултираа со значителна заштита.

„Истите луѓе кои промовираат колективен имунитет со природна инфекција не покажуваат амбиција да постигнат колективен имунитет преку вакцинација. Наместо тоа, велат дека ‘мора да живееме со Ковид-19’ и да шириме дефетизам“.