Чади депонијата „Краста“ кај кумановското село Пчиња

Чади депонијата „Краста“ кај кумановското село Пчиња. Екипите на „Чистота и Зеленило“ со поддршка на механизација интервенираат, соопштија денеска надлежните од претпријатието. Извесен период на депонијата се забележуваше и пламен кој беше видлив од повисоките локации од Куманово. Зафатен беше средишниот дел од депонијата.
-Преземени се активности за нејзино гасење во делот на механизација и ангажирани се екипи задолжени за гасење на пожарот. Пожарите на депониите се специфични, мора да се затрупуваат со земја. Таму е потребната механизација. Вчера, беа вклучени и противпожарни екипи, денеска работат само екипи на препријатието, изјави директорот на ЈП „Чистоа и зеленило“, Ненад Стојановски.
Жителите на Пчиња и соседните села реагираат и бараат институциите побрзо да го санираат димењето, но исторемено бараат системски да се реши проблемот со депонијата Краста.
-Неподнослива е миризбата. Зголемено е аерозагадувањето, велат жителите.
Во меѓувреме општината одвои средства за оградување на депонијата и постауање видео надзор.
Депонијата „Краста“, лоцирана на регионалниот пат Куманово-Пчиња претходниве децении беше причина за негодување и револт на мештаните на Пчиња кои произведуваат раноградинарски производи. Преку проект, предвидено е депонијата да стане претоварна станица од каде ќе се изнесува сметот до најавената регионална депонија за североисточниот и источниот регион. Депонијата „Краста“ функционира од 1958 година и зафаќа површина од 12, 5 хектари. Тука се складира сметот на градот со над 100.000 жители. Дневно на депонијата се изнесува од 100 до 120 тони смет.