Центристот Родриго Паз води на претседателските избори во Боливија

Центристичкиот сенатор Родриго Паз од Христијанско-демократската партија (ПДЦ) води на претседателските избори во Боливија со освоени 32,2 проценти од гласовите, покажуваат прелиминарните резултати од првиот круг на претседателските избори во земјата, додека светските медиуми известуваат за историскиот пораз на левицата.
Поранешниот конзервативен претседател Хорхе „Туто“ Кирога од коалицијата „Алијанса Либре“ е на второто место со околу 27 проценти од гласовите, па затоа е сигурно дека двајцата ќе се сретнат во вториот круг.
Имено, доколку ниту еден претседателски кандидат не освои повеќе од 40 проценти поддршка со предност од најмалку 10 процентни поени, втор круг избори ќе се одржи на 19 октомври. Победникот ќе ја преземе претседателската функција за петгодишен мандат во ноември.
Боливиското владејачко Движење за социјализам (МАС) е на пат да го претрпи својот најлош изборен пораз при што неговиот кандидат Едуардо дел Кастиљо моментално има само 3,16 проценти од гласовите, со што се стави крај на речиси 20-годишната левичарска доминација во оваа јужноамериканска земја.
Резултатот на Паз ги изненади аналитичарите бидејќи анкетите сугерираа дека центристичкиот сенатор ужива поддршка од околу 10 проценти, далеку зад Кирога и кандидатот од централно-десничарската партија Самуел Дорија Медина од коалицијата „Алијанса Унидад“. Бизнис магнатот го призна поразот во неделата и рече дека ќе го поддржи Паз во вториот круг.
Боливиската политичка сцена со месеци наназад се карактеризираше со борба за превласт меѓу поранешниот претседател Ево Моралес (2006-2019) и неговиот наследник, Луис Арсе.
Претседателот во заминување, Арсе, не се кандидираше за нов мандат, додека на Моралес со судска одлука му беше забрането да учествува на изборите. Додека Моралес повика на бојкот на изборите, Арсе ги призна резултатите од изборите, оптимистички пишувајќи: „Демократијата победи“.
Боливија, една од најсиромашните земји во Јужна Америка, се соочува со длабока економска криза обележана со недостиг на девизи, недостаток на гориво, инфлација и растечко незадоволство кај граѓаните, наведува ДПА.
-Боливија не бара само промена на владата, туку и промена на политичкиот систем. Ова е почеток на голема победа и голема трансформација, рече Паз во говорот емитуван синоќа, додека неговите поддржувачи скандираа „обнова“.