Цените на вакцините против Ковид-19 ќе чинат од 3 до 60 долари
Охрабрувачките вести кои изминатите денови стигнаа од сферата на истражување за вакцина против Ковид-19, на многумина им донесоа надеж дека пандемијата, која однесе повеќе милиони животи ширум светот, конечно може да се стави под контрола.
Цените на вакцините против Ковид, како што пишува „Гласот на Америка“ ќе се движат од три до 60 долари за доза.
Вакцината на „Астера зенека“ или таканречената оксфордска вакцина би чинела меѓу три и четири долари по доза, што е значително пониска цена од конкурентските вакцини, а се даваат две дози. Изразено во евра, две дози од оваа вакцина ќе чинат најмногу 10 евра.
ГАВИ и Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс се договорија со Индискиот институт за серуми, најголемиот производител на вакцини во светот, за производство на 200 милиони дози вакцини лиценцирани од „Астера зенека“ и „Новавакс“.
„Фајзер/Бионтех“ вакцината, според проценките, би чинела нешто повеќе односно 16 долати, или 19-20 евра по доза. Бидејќи и оваа вакцина се дава во две дози, по човек таа би чинела 40 евра. Но, постои скептицизам кон оваа вакцина, заради нејзиниот механизам на делување, кој се базира на испорака на генетичката шифра (на информационата РНК) за еден протеин од вирусот. Таа треба да се чува на -70 степени Целзиусови што е потешко и за побогатите земји.
Вакцината „Новавакс“ е базирана на протеинска подединица, а проценетата цена за една доза на вакцината од американската компанија би била околу 16 доалри.
Проценетата цена на доза вакцина која ја развива американската компанија „Модерна“ е 50 до 60 долари. И оваа вакцина се базира на информационата РНК како и онаа на „Фајзер“ и таквите вакцини се поскапи за производство. Но, од „Модерна“ во август најавија дека горната граница на цената за нивната вакцина ќе биде 37 долари по доза, што е под производната цена.
Кинеската вакцина на компанијата „Синовак“ чини околу 60 долари за две дози и веќе почна да се продава, со оглед на тоа дека доби дозвола во рамки на итната програма на одобрување.
Очекуваната цена на вакцината „Џонсон и Џонсон“, би била околу 10 евра по доза. Оваа вакцина се базира на генетчки модификуван аденовирусен вектор, како кај вакцината на „Астера зенека“ и „Кан сино“.
Вакцината „спутник V“ на Центарот „Гамелај“ според руските медиуми, чини околу 10 долари за две дози.
Се очекува вакцините за ризичните групи граѓани како постари лица, лица со ризик, здравствените и просветните работници, да бидат бесплатни. По нив ќе следува вакцинацијата на другите категории граѓани.