Цените на нафтата паднаа четврта недела по ред, повеќе од 4 отсто
Цените на нафтата на светските берзи паднаа минатата недела, четврти пат по ред, бидејќи трговците стравуваат дека новиот бран на Ковид-19 во Европа може да го забави закрепнувањето на економијата од корона кризата, а се плашат и од продажба нафта од стратешките резерви.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 4 отсто, на 78,89 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 5,8 отсто на 76,10 долари.
Пад на цените четири недели по ред не е забележан од март минатата година, а пред еден месец цената на барелот на лондонскиот пазар беше на највисоки нивоа во последните три години, а на американскиот пазар во седум.
Притисокот врз цените е последица на заканата на Вашингтон да посегне по нафта од резервите. Владите на водечките светски економии го разгледуваат предлогот на САД да продаваат нафта од стратешките резерви на координиран начин за да го запрат растот на цените.