Цените на нафтата остануваат високи и покрај продолжувањето на примирјето од страна на Трамп


Цените на нафтата останаа на високо ниво и покрај објавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека примирјето со Иран ќе биде продолжено, додека пазарите покажаа малку знаци за смирување на тензиите.

Нафтата од типот „Брент“ за испорака во јуни синоќа кусо се искачи над 100 долари за барел за првпат по околу една недела, пред да се спушти на 99 долари, што и понатаму претставува пораст од речиси 4 отсто во текот на денот. Американската референтна нафта „West Texas Intermediate“ (WTI) забележа поскромен пораст.

Трамп претходно изјави дека САД ќе се воздржат од понатамошни напади на барање на Пакистан, давајќи му време на иранското раководство да претстави единствен предлог и да ги заврши разговорите. Без ова продолжување, примирјето требаше да истече денеска, при што Трамп предупредуваше на силни напади врз енергетскиот сектор и цивилната инфраструктура на Иран.

Сепак, изгледите за напредок во преговорите остануваат ограничени. Вашингтон и Техеран досега не успеаја да се договорат за втора рунда разговори и покрај посредничките напори на Пакистан, кои Трамп ги истакна во својата објава, пренесе ДПА.

САД, исто така, ќе ја задржат блокадата на иранската поморска трговија, потег што Техеран го гледа како пречка за обнова на дипломатијата.