ЦЕФ, Љубљана: Народната банка е одличен пример во регионот


„ЦЕФ гледа на пристапот на Народната банка како на одличен пример за многу други институции во регионот, вистински центар на знаење. Концепт што се трудиме да го промовираме преку нашата работа.” Ова го истакна Јана Репаншек, директорка на Центарот за извонредност во финансиите од Љубљана, Словенија. 

Во соопштението на ЦЕФ, што го проследи Народната банка се вели дека на неодамнешната сесија со цел да се добие увид во успешните институции низ ЈИЕ, биле домаќини на тимот на Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ).

Покрај вицегувернерката на НБ, Ана Митреска, на настанот учествуваа и нејзините колеги од Дирекцијата за управување со човечките ресурси, Функцијата за стратегија и оперативни ризици и Отсекот за меѓународни односи во Кабинетот на гувернерот. Митреска ги истакна клучните точки коишто се предуслов за институциите и земјите да растат на одржлив, паметен и инклузивен начин: „Основен предуслов за сето ова е да се има висококвалитетен човечки капитал со знаење, вештини и суштински вредности за соработка, толеранција и разбирање за различностите. Друга клучна потреба за зголемување на потенцијалниот раст е фокусирање на димензијата за квалитет на работната сила.“

Од ЦЕФ посочуваат дека како и безброј други институции во регионот, и НБРСМ се соочи со потребата од приспособување на работната средина на новите околности, што ги наметна пандемијата на КОВИД-19.

„Но, брзото прифаќање на новата работна реалност немаше да биде можно без нејзините луѓе. Токму инвестирањето во човечкиот капитал, што се направи во последните неколку децении, ги овозможи ваквите промени. Корпоративната култура којашто внимателно ја негуваат како централна банка, традиционално е ориентирана кон инвестирање во знаењата, вештините и потенцијалите на своите вработени. Можноста вработените постојано да ги надградуваат своите знаења, критичкото размислување и своите вештини додека се поврзуваат со своите врсници низ целиот свет, е еден од темелите за институцијата да стане  „посакуван работодавeц“ за младите таленти“, посочуваат до ЦЕФ, додавајќи дека се исклучително горди што за НБРСМ, ЦЕФ е еден од нејзините главни партнери во размената на знаењата и професионалното искуство во последните дваесет години.

ЦЕФ гледа на пристапот на НБРСМ како на одличен пример за многу други институции во регионот, вистински центар на знаење. Концепт што се трудиме да го промовираме преку нашата работа.

Како директорка на ЦЕФ, Јана Репаншек истакнува: „Со нетрпение очекуваме да работиме со експерти од НБРСМ за подигање на свеста за важноста на стратегиските инвестиции во човечкиот капитал. Среќни сме што имаме партнер кој заедно со нас ја потврдува потребата на институциите да се фокусираат на она што го препознаваме како 6 градежни блокови за да станеме и да бидеме организација за учење: владеење и култура, партнерство, фондови за учење и споделување на знаењето, стекнување, покривање и споделување на знаењето, комуникација во врска со учењето, и последно, но не и помалку важно, следење и евалуација.”, се вели во соопштението на ЦЕФ