Царовска: Учебната година почнува со физичко присуство, онлајн само децата со хронични болести


Илустрација

Учебната година за сите ученици во Македонија почнува на 1 септември со физичко присуство, но со почитување на епидемиолошките мерки и протоколи.

Како што појасни министерката за наука и образование Мила Царовска, сосема се подготвени за организирање настава со физичко присуство на учениците во училиштата, а за тоа се донесени и посебни протоколи, кои опфаќаат носење маски, почесто миење на рацете, проветрување на просториите и распоред на влегување во зградата за да нема метеж.

– Искуството што го имаме од минатата година укажуваат на тоа дека епидемиолошката служба утврдува дали цело одделение или само заболениот ученик ќе оди во изолација. Лани немавме интерен пренос на болеста кај учениците – рече Царовска, прашана што доколку кај некое дете биде утврдено присуство на корона вирсуот.

Потсети дека Владата денеска ќе ги донесе мерките за одвивање на настава со физичко присуство, со исклучок на децата со хронични болести, кои нема да можат да следат настава во училиште, туку за нив ќе има организирана онлајн настава.

Според првичните протоколи, во периодот додека се во училница учениците носат маска. Имаат пет минути одмор, на кој може да ги извадат маските. Но, тоа се протоколи кои ќе треба да се почитуваат исто како што беше и лани кога во училиште одеа само децата до трето одделение.

Прашана како ќе се организира наставата во училиштата каде има многу ученици,а само еден влез, Царовска рече дека во училиштата ќе се влегува по распоред, односно наставникот ќе ги пушти прво едните ученици, а по десетина минути другите за да се дисперзираат и да не се створи метеж.(Б.Б.)

(