Царовска: Го реформираме социјалниот систем за да ги извлечеме граѓаните од сиромаштија


Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека со пакетот социјални закони се реформира целиот систем на социјална заштита со цел да се извлечат граѓаните од ранливите категории од сиромаштија, ќе се спречи трансгенерацискиот пренос на сиромаштијата од едно на друго колено, со тоа што ќе им де дадат повеќе средства, но и ќе се вкчучат на пазарот на труд.

-Велиме да, им даваме повеќе пари на тие семејства, даваме детски додаток и ги вклучуваме децата во школо, но, бараме тие да се доквалификуваат и да се обучат за некоја работа за да на крај ги донесеме до вработување, затоа што тие се потенцијал од 30 илјади семејства кои треба да се вклучат во економијата и затоа што вистинското излегување од сиромашатијата не е преку социјални трансфери, како што не е  ниту во најразвиените држави, туку преку вработување, рече Царовска во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.

Трансгенерацискиот пренос на сиромаштијата, вели Царовска, меѓудругото, ќе се спречи и преку детскиот и образовниот додаток.

-Тоа мора да се спречи преку овие детски трансфери, треба образованието да го гарантираме за секое дете во социјален ризик, да му дадеме еднакви услови и шанса за старт, како и за сите деца во општеството за да сме сигурни дека нема да го продолжат преносот на сиромаштија, рече министерката Царовска.

Таа  појасни дека семејниот пакет има повеќе компоненти во себе.

-Прво социјалниот трансфер или минимален загарантиран приход сега, кој се зголемува трипати, потоа го воведуваме детскиот додадок како гарантирано право и за семејства во социјален ризик но и за семејства кои имаат минимална плата или минимални примања во своето семејство, како и образовен додаток, исто така, за сите деца во основно и средно образование, а родителите или примаат социјален загарнтиран приход од државата или имаат минимална плата, а се воведува и енергетски додаток за сите, истакна министерката Царовска.

Таа сума што месечно ќе им биде исплаќана како вкупна сума, потенцира, ќе го извлекува семејството од сиромаштија. Како пример посочи дека едно четиричлено смејство – мајка, татко и две деца во образовен период ќе добиваат 10 илјади и 600 денари.