Царината за три месеци наплатила 23,7 милиони евра повеќе во однос на истиот период лани


Во првото тримесечје годинава Царината оствариле за 23,7 милиони евра повеќе приходи во однос на истиот период лани, се пофали денес директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на одбележувањето на 34 години постоење на институцијата. Од почетокот на мандатот во јули 2024 до 31 март годинава, нивната работа покажала значителни резултати.

„Оперативно – спречивме повеќе од над 2.700 обиди за нелегални дејства, со што ја зачувавме сигурноста на државата. Ги зајакнавме истражните капацитети и во континуитет од месец на месец, од година на година, бележиме историски резултати. Во втората половина од 2024 година поднесовме 70 кривични пријави, што претставува речиси 80 проценти од вкупно поднесените пријави оваа година. Со засилен интензитет продолживме и во 2025 година и поднесовме 213 кривични пријави, за петпати повеќе во споредба со годишниот просек од 2017 до 2023 година. Со иста енергија продолжуваме и годинава, при што во првото тримесечје поднесовме 49 кривични пријави до јавните обвинителства. Вкупно од почетокот на мандатот поднесовме 332 кривични пријави против 761 физичко и 254 правни лица ветувајќи уште пожестока борба со криминалот“, истакна Николовски.

Финансиски, како што истакна тој, континуирано ги зголемувале приходите на државата и го зајакнувале економскиот систем.

„Во втората половина од 2024 година наплативме за 64,6 милиони евра повеќе приходи во споредба со истиот период во 2023. Во 2025 година, во споредба со 2024, остваривме поголема наплата за 105 милиони евра, а овој тренд продолжи и годинава, при што во првото тримесечје имаме зголемување на наплатата на приходи за 23,7 милиони евра во однос на истиот период лани. Ова се плус финансиски средства за нови автопатишта, нови болници, нови модерни училишта. Ова се средства што, наместо да завршат нелегално во нечиј џеб, се слеани во буџетот за градење на иднината“, рече Николовски.

Реформски – со средства од буџетот на државата, грант-средства од ЕУ и Република Кореја, како и финансиски средства од Светската банка, нагласи Николовски, реализирале проекти со вкупна вредност од 30 милиони евра, што, како што истакна, ќе овозможат зголемена конкурентност на македонската економија и забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ.

„Овие бројки се доказ дека нашата посветеност и стручност носат конкретни резултати – Резултати што се лесно видливи и мерливи за секој што сака да ги види. За оние што не сакаат од разни причини, сонце да сме, па нема да можеме да ги огрееме затоа што чадор ќе извадат, додаде директорот на Царинската управа.