Бугарско МНР: Палењето на автомобилите е резултат на агресивен политички говор и поттикнување омраза
Министерството за надворешни работи на Бугарија оцени дека денешното палење на два автомобили на бугарската амбасада во Скопје е „резултат на агресивен политички говор, поттикнување омраза и недостаток на соодветен одговор од страна на институциите во претходни слични значајни случаи, што создава чувство на неказнивост за сторителите. Потсетуваме дека по последниот напад со палење во Република Северна Македонија врз бугарскиот културен клуб во Битола, наместо да добие соодветна казна, пироманот беше прославен и беше вклучен во предизборна политичка кампања“.
Во соопштението се вели дека бугарската држава ќе продолжи да ги користи сите воспоставени механизми за да се спротивстави на обидите за создавање атмосфера на страв кај Бугарите во Република Северна Македонија.
Бугарското МНР најостро го осуди „овој демонстративен чин на агресија, кој го загрозува здравјето и животот на вработените во нашата амбасада во Скопје“.
Непознато лице, по кое сѐ уште трага МВР денеска поли со бензин два автомобили на бугарската амбасада и ги запали.
Бугарскиот конзул со апарат за гаснење пожар за релативно кратко време го изгаснал пожарот на двата автомобили.