Бугарските корени на вирусот


ЕРОЛ РИЗАОВ

Во третата декада на 21. век Софија го одредува точниот датум кога настанала македонската нација и кога бугарскиот дијалект станал македонски јазик, кога бугарските корени се накалемиле во друга овошка од посакуваната

(Колумна за Дојче веле)

Бугарите имаат колективен имунитет на еден вирус повеќе од сто години. За него не е потребна вакцина. Отпорноста е вродена со мајчино млеко. Дијагнозата е „Голема Бугарија“, а заразата е пренесена од Сан Стефано од 1878 година. Таа пандемија во мутирани форми трае до ден денешен и ќе трае уште долго оти е неодживеан и  неостварен сон кој останал нацртан само на географските карти и во меморијата на нашите мили комшии и браќа одржувана со митови и пропаганди рамно 142 години.

Вирусот е појавен на трети март 1878 година во селото Сан Стефано, или Јешил ќој, денес модерен кварт на Истанбул на оддалеченост од десетина километри од центарот на  градот каде е склучен мировниот договор меѓу Русија и Османлиското царство по Руско–турската војна. Во таа, скроена на маса Голема Бугарија, се корените на вирусот кој не може да се излечи бидејќи на Берлинскиот конгрес, по неполни три месеци од март до јуни–јули картата е избришана на ист начин  како и што е нацртана.

Лажната тапија од Сан Стефано

Оттогаш наваму Санстефанска Бугарија е лажна, неважечка тапија која Бугарите ја чуваат како одземен имот кој кога тогаш треба да им се врати. А служи и за колективна терапија без оглед дали владеат комунисти, цареви или демократи, секогаш кога ќе се јави некоја голема мака за да се зачува власта и патриотскиот дух.

Ете тука треба да се бараат и бугарските корени на Македонците и на македонскиот јазик и во 21. век по сите војни и порази, оти во Сан Стефано  целата територија на географска Македонија, без Халкидики и Солун, е ветен имот кој припаднал на Бугарија. Во таа хартија  која сe уште се чита како тестамент на сите генерации Бугари е содржана и денешната стратегија за блокада на Македонија да ги почне преговорите со Европската унија за членство во европското семејство.

Заканата на Бугарија со вето да се попречи Македонија на патот кон Европа ако не се прифатат бугарските корени на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик, ако не се прифати диктатот како да се изучуваат историските настани и ако не се одреди бугарската етничка припадност на историските личности, кај граѓаните на Македонија се доживува како страотен непријателски чин, како удар со нож во грбот. И тоа во една крајно деликатна ситуација во која се наоѓа Македонија по речиси 30-годишна неправда кога  заедно само  со Словенија целосно ги исполнуваше условите за брзо меѓународно признавање по крвавиот  распад на Југославија и по 20 години блокирање на преговорите со ЕУ.

Сега Бугарија од позиција на сила го поставува крајно понижувачкиот и навредлив ултиматум кој произведува  нова стогодишна омраза и го анулира не само Преспанскиот договор со Грција и го прави неспроведлив, туку го урива и угледот на целата Европска унија. Една балканска држава, членка на НАТО и на ЕУ, го попречува својот сосед и два милиони граѓани во својот развој и реформи, негирајќи универзални светски цивилизациски придобивки, правото на свој јазик и национална припадност со една Бајгањовска итрина – демек, го признаваме правото на самоопределување, ама од 1944 година наваму со прифаќање дека сето тоа е со бугарски корени.

Аргументите што доаѓаат од сите страни, па и во сама Бугарија, иако ретки добронамерни предупредувања за бесмислената најава за тешка злупотреба на статутарните определби на ЕУ од страна на Бугарија, не помагаат многу. Колку повеќе аргументи, толку полошо по нив, мислам по аргументите.

Ај да го видиме и тоа чудо од бугарско  вето

Ајде да го видиме и тоа чудо од нашите соседи, да го доживееме и преживееме  и тоа вето поради невозвратената љубов од Македонците и од Македонија.

Во третата декада на 21. век Софија го одредува точниот датум, годината, денот  и часот кога настанала македонската нација и кога бугарскиот дијалект станал македонски јазик, кога бугарските корени се накалемиле во друга овошка од посакуваната.

Тоа ќе биде единствен настан во светската историја да се блокира една земја од соседот, бидејќи треба да прифати едни корени, а друга национална и јазична припадност како вештачка реалност, а сите што се  бореле и загинале за самостојна Македонија да бидат Бугари.

Да се повикаа во своите политички декларации на словенски корени, како што е историската вистина, ќе беше премногу и за радикалните и милитантни националисти, бидејќи изедначувањето на бугарските со словенски корени ќе означеше дека сите словенски народи имаат бугарско потекло.

Со големо задоцнување и срамежливо се појавија во Бугарија анализите какви се придобивките ако Македонија стане членка на Европската унија. Десетина дена пред ветото се пласираат ефектите од големите инфраструктурни објекти, од меѓусебното поврзување на  регионот со Европа, од  динамичните економски, научни и културни  односи и од „уривањето“  на границите според европските стандарди. Наместо тоа, Бугарија ѕида Берлински ѕид кон Македонија поставувајќи неприфатливи услови. По грчката закана со вето во Букурешт за влез на Македонија во НАТО во 2008 година, беа потребни десет години да дојде до одржлив договор меѓу Македонија и Грција и до членство во НАТО со силна  поддршка на Брисел за почнување на преговорите за членство во ЕУ. Со бугарското вето, за голем срам на Европа, кон една мала и мирољубива земја која не претставува опасност за никого, членка на НАТО, се обезвреднуваат тридецениски напори на меѓународната заедница, на ОН и на големите одречувања на граѓаните на Македонија.

Никогаш Македонија не добила ништо на лесен начин низ целата своја историја. Така ќе биде и овојпат. Македонија ќе биде членка на ЕУ како што стана членка на НАТО. Ќе остане во колективното помнење братската љубов на бугарската демократска администрација од 2020 година, како што остана незаборавна бугарската ослободителна администрација од 1941 до 1944 година.

(Линк до колумната овде)