Бугарскиот клуб од Битола го искористил прелибералното законодавство, вели Ковачевски
Клубови кои носат имиња на личности кои го вознемируваат општеството не ги подобруваат односите меѓу државите
Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов” од Битола ќе мора во рок од 45 дена да ги отстрани сите спорни елементи во името, статутот и програмата кои предизвикуваат вознемирување кај грашаните, лично и групно. Доколку не го направи тоа надлежните институции се должни да реагираат, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
За време на посетата на болницата во Гостивар тој рече дека со „отворањето клубови кои носат имиња на личности коишто будат негативни чувства кај нашите граѓани, а пред сѐ кај Еврејската заедница. Оние коишто ставаат такви имиња, а тоа се граѓани на нашата држава, кои ставаат такви називи на своите здруженија ги повредуваат прво чувствата на македонските граѓани и на ниеден начин не влијаат на подобрување на односите со соседни држави“, рече Ковачевски во врска со вчерашната информација дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дискриминација по основ на национална и етничка припадност при основањето на бугарскиот клуб во Битола.
Ковачевски смета дека Македонија има прелиберално законодавство во делот на организирањето на невладини организации или здруженија на граѓани и организации и затоа, како што посочи, веќе му дадовме наредба на Министерството за правда да подготви нов закон.
„Јас им сугерирав да го земат германското законодавство како основа при формулирањето, но исто така веќе има и предлог за промени во Законот којшто е поднесен од група пратеници. Ги поттикнувам пратениците од СДСМ да учествуваат во расправата на комисијата. Таму треба да присуствува и Министерството за правда, а да бидат повикани и претставниците на Еврејската заедница, како и претставници и на Европската делегација бидејќи го усогласуваме нашето законодавство со ЕУ. Треба да се дојде до решение кое што ќе оневозможи да се формираат организации коишто ќе ги нарушуваат чувствата на нашите граѓани и истовремено ќе ги нарушуваат односите со соседни држави“, рече Ковачевски.