Бугарската лична карта на Арсовска постои и е валидна


Даниела Арсовска, жената од бугарската лична карта што денеска ја презентираше СДСМ тврдејќи дека тоа е Данела Арсовска, кандидатката за скопска градоначалничка, има право на глас во Петрич, каде што е жителка. Тоа го покажува електронскиот увид во избирачкиот список на Бугарија што го направи „360 степени“, според објавените податоци/фотографии од страна на владејачката партија.

Податокот може да го провери секој. На личната карта што ја објави СДСМ, меѓу другите податоци, е објавен и матичниот број на Даниела Арсовска, бугарската државјанка за која СДСМ тврди дека е Данела Арсовска. Матичниот број, кој слично како во земјава го содржи датумот на раѓање, но по обратен редослед (1979 година 12 месец, 20 ден), е 7912200192.

Првиот чекор од пребарувањето е да се отвори интернет-страницата на бугарската Главна дирекција „Граѓанска регистрација и админстративен сервис“ (Главна дирекция „Гражданска регистрация и административно обслужване“). Линкот ве води директно во делот кој овозможува пребарување по матичен број. Таму, прво, се внесува матичниот број (7912200192) во соодветното поле, па името (Даниела) и на крај безбедносниот код што ќе се прикаже на екранот. За пребаруање на системот треба само да се стисне уште „Търсене“, што значи „барај“.

Кога ќе се заврши оваа процедура, на екранот излегуваат податоците од сликата подолу:

фотографија од електронскиот увид во Избирачкиот список на Р. Бугарија

Како што може да се види на фотографијата, лицето со тој матичен број се вика Даниела Арсовска и на претстојните претседателски и парламентарни избори во Бугарија, на 14 ноември, може да гласа во СУ „Никола Вапцаров“ во Петрич, во округот Благоевград.

Податоците од избирачкиот список значат и дека дел од информациите на личната карта што ја објави СДСМ се неспорно точни и проверливи. Прво, дека во Бугарија навистина постои државјанка Даниела Арсовска, дека е жена, дека има адреса во Петрич и дека според матичниот број, таа е родена на 20 декември 1979 година.

„360 степени“ направиле проверка и на самата лична карта, преку системот на бугарското МВР. Помеѓу другите електронски услуги, може да се провери валидноста на одреден личен документ, доколку го имате бројот на документот. Ако за тип на документ се избере „Лична карта“, па потоа се внесе бројот на личната карта што ја објави СДСМ (646948927) и се внесе датумот на раѓање (20.12.1979 г.) се добива информација дека личната карта е валидна.

 

На личната карта што ја објави СДСМ има и други податоци кои не можат да се проверат преку увид во избирачкиот список или базата на тамошното МВР. На пример, фотографијата, дека Даниела Арсовска од личната карта е висока 165 см, дека има зелени очи и дека е родена во Македонија.