Бугарија на Детската Евровизија со песна на  Гарванлиев, Јордановски и Малинова


Бугарија – На Детската Евровизија, што на 19 декември ќе се одржи во Париз, Бугарија ќе ја претставуваат Денислава Димитрова и Мартин Стојанов со песната „The Voice of Love“, чии автори се македонското трио Васил Гарванлиев, Давор Јордановски и Весна Малинова.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, официјалното претставување на песната „„The Voice of Love“ ќе се одржи в сабота во емисијата „Денот започнува со Георги Љубенов“ на БНТ 1.

Денислава Димитрова и Мартин Стојанов потекнуваат од вокалното студио „Сарандев“ од Добрич. Тие имаат освоено бројни награди, а музиката е дел од нивниот живот уште од раното детство. Како дует настапуваат од 2017 година под раководство на вокалниот педагог Елена Карабелова.

На 19-то издание на Детската Евровизија ќе настапат изведувачи од 19 земји. 

Васил Гарванлиев и покрај својот одличен, сигурен, мошне емотивен настап со песната „Here I Stand“, кој беше награден со бурен аплауз во арената Ахој, но и во прес- клубот во Ротердам- во мај не обезбеди место во финалето на „Евросонг 2021“ како претставник од Македонија .

Гарванлиев ја претставуваше Македонија и на алтернативниот Евросонг во Ротердам во 2020 година , со песната  „YOU“.