Бугарија ќе нѝ даде вакцини чиј рок истекува за дваесет дена
Бугарскиот парламент со мнозинство гласови ја донесе одлуката на Македонија да ѝ отстапи нешто повеќе од 50 илјади дози од фајзеровите вакцини против ковид-19. Вакцините ќе треба брзо да бидат испорачани, имајќи предвид дека нивниот рок за употреба истекува за дваесетина дена.
Министерот за здравство Стојчо Кацаров во парламентот кажал дека изборот е дали овие вакцини да бидат уништени или подарени, затоа што на вакцините им истекува рокот до крајот на септември.
Бугарскиот министер ги информирал пратениците дека компанијата „Фајзер” без одлука на национален парлемант, не ѝ дозволува на ниту една држава да продава или донира вакцини. Кацаров призна дека донацијата требало да се изврши во јуни, но дека во тоа не се успеало поради сложени процедури
Уште кон крајот на минатата година официјална Софија ѝ вети на Македонија дека ќе ѝ донира извесна количина на вакцини од секоја пратка што ќе ја добие, а тоа лично го слушна и македонскиот министер за здравство Венко Филипче кој на 22 декември присуствувал на седница на бугарската влада.Имаше неколку ветувања и потоа, почнувајќи од тогашниот премиер на Бугарија Бојко Борисов, како и од министри, но вакцини досега не се тргнати кон Македонија.
Инаку, Бугарија е на дното на европската листа според процентот на вакцинирано население.