Буџетот за 2022 година ќе изнесува 4,43 милијарди евра, поголеми капитални инвестиции и плати за лекарите, судиите, обвинителите…


Вкупните буџетски расходи идната година ќе изнесуваат 272,4 милијарди денари (околу 4,43 милијарди евра), или 35,2 отсто од домашниот бруто-производ, додека вкупните приходи се проектирани на 238,9 милијарди денари (или околу 3,8 милијарди евра) односно 30,9 отсто од БДП. Буџетскиот дефицит е предвиден во износ од 33,5 милијарди денари или околу 544,4 милиони евра (4,3 отсто од БДП).  Разликата меѓу расходите и приходите ќе се пополни со задолжување од домашни и странски извори, при што за таа цел покрај постојните видови обврзници. ќе се издаваат и четири видови нови – развојни, зелени, проектни и индексирани со инфлацијата.

Ова денес на прес конференција го изјави министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го Предлог-буџетот за 2022 година кој беше усвоен викендов на владина седница, но поради изборниот молк беше презентиран денеска.

„Главна каракеристика на буџетскиот дефицит ќе биде што тој ќе се користи за поддршка на капиталните расходи, односно на капиталните инвестиции, кои се предвидени во износ од 37,8 милијарди денари. Ова значи дека капиталните расходи се поголеми од буџетскиот дефицит што покажува дека буџетот за наредната година е развоен“, рече Бесими на прес конференцијата.

Капиталните расходи исто така се за 27 отсто повисоки во однос на 2021, а нивното учество во вкупните расходи е 14 проценти што претставува најголемо учество досега.

„Гледано наназад ова е историско најголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи“, нагласи Бесими.

Тој посочи дека вкупните буџетски приходи од 238,9 милијарди денари се за 7,4 отсто повисоки од процената за остварување на Буџетот за 2021 година. Притоа, даночните приходи ќе изнесуваат 136,5 милијарди денари или за 10,2 отсто повеќе од годинава. Тој рече дека треба да се има во предвид дека овие приходи се проектирани во услови кога со законски прописи се намалени некои давачки, како на пример намалената стапка на ДДВ за некои угостителски услуги, повластената стапка на ДДВ за електричната енергија за домаќинствата и тн.

Расходната страна е зголемена номинално за 1,4 проценти или за 3,7 милијарди денари, но се пониски како процент од БДП споредено со 2021 година. Министерот Бесими најави натамошна фискална консолидација, намалување на непотребните расходи, поефикасно трошење на јавните пари и тн. Така, во ставката стоки и услуги има намалување за шест проценти.

Тој рече дека буџетот и идната година ќе остане ликвиден и дека исплатата на платите, пензиите и социјалните надоместоци ќе биде редовна и навремена.

Бесими најави и поголеми плати за здравствените работници, во износ од 5 отсто, односно, како што објасни тоа што годинава го добивале како бонус кој бил обезбеден преку кредит од Светската банка, во наредната година ќе се трансформира во редовни зголемени плати, за што се предвидени буџетски средства. Зголемени плати ќе има и образованието, културата, судството, Јавното обвинителство….

Повеќе средства ќе добие и локалната самоуправа, со оглед на донесените законски решенија годинава за натамошна фискална децентрализација.

Инаку, за наредната година се предвидува раст на БДП од 4,6 отсто, додека инфлацијата ќе изнесува 2,4 отсто и се очекува во втората половина од годината веќе да се намали притисокот предизвикан од енергетската криза.

Министерот Бесими очекува дека Предлог-буџетот ќе биде донесен навреме и покрај политичката криза во земјава.

„Предлог-буџетот е навреме усвоен во Владата и пратен во Собранието и не гледам причина зошто не би се донел навреме. Има најави и од најголемата опозициска партија дека ќе биде разгледан“, рече Бесими.

Одговарајќи на новинарски прашања, Бесими рече дека дефицитот и отплатата на долгот во износ од 11,6 милијарди денари (од кои за надворешниот долг во износ од 6,1 милијарди денари и за домашниот долг во износ од 5,5 милијарди денари) ќе се финансираат преку комбинација на домашно и странско задолжување при што, како што појасни, ќе се води сметка за оптимизација на трошоците за позајмување. Меѓу изворите за финансирање на дефицитот, првпат ќе се воведат нови инструменти како што се развојните, зелените, проектните обврзници и обврзниците индексирани со инфлацијата кои се дел од Планот за забрзан економски раст.

Бруто инвестициите проектирано е да се зголемат за 8,5 проценти на реална основа, а потрошувачката за 3,1 процент. Очекувањата се дека ќе продолжи и трендот на зголемување на извозната активност на домашните компании која следната година би забележала раст од 8,3 проценти, а позитивни движења се очекуваат и на пазарот на труд каде бројот на вработени би бележел раст од 3,1 процент што би влијаело врз стапката на невработеност.

Планирани се и средства за исплата на субвенции во земјоделството, за поддршка на приватниот сектор, за спроведување на активните мерки за вработување, а ќе се зголемат и средствата што ќе ги добијат општините согласно реформата за унапредвање на фискалната децентрализација. За здравствена заштита планирани се средства во износ од 36 милијарди денари кои во најголем дел се наменети за финансирање на здравствените услуги, мерките за заштита од ковид пандемијата и достапност на лековите за населението. Притоа, не се изоставени и здравствените работници кои ќе добијат зголемување на платите за што се предвидени 700 милиони денари.

Буџетот има четири основни цели – продолжување на грижата за заштита на здравјето, економско заздравување, зголемување на инвестициите и непречено финансирање на основните функции на државата.

Буџетот е креиран врз основа на очекувањата за економските движења на глобално ниво, а посебно на Германија како наш најголем економски партнер. На глобално ниво се очекува следната година да се вратат стапките на раст од преткризното ниво. Растот на глобалната економија во 2021 година се очекува да достигне 5,9 проценти, а во 2022 година да изнесува 4,9 проценти, согласно октомвриските проекции на ММФ. За ЕУ, проектирана е стапка на раст од 5,1 процент за 2021 година и 4,4 роценти за 2022 година, додека за Германија како наш најзначаен трговски партнер се предвидува раст од 3,1 процент во 2021 и 4,6 проценти во 2022 година.