Буџетот во културата е зголемен за 34 проценти, се реализираат капитални проекти, вели Мицкоски


Фото. Б. Грданоски

 Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа до каде е реализацијата на капиталните проекти во културата, рече дека буџетот во културата е зголемен за 34 проценти и фокусот сега е ставен на реализирањето капитални проекти.

-Оваа година ако се спореди со 2023 ќе дојдеме до заклучок дека 34 проценти е зголемен буџетот во културата, посебно со фокус кон реализирање на капитални проекти. Тука пред сѐ се оние тековни, како што се Библиотеката во Тетово, Универзалната сала во Скопје, Турскиот театар, Џез салата и така натаму, сега да не ги редам еден по еден, тоа се многу проекти коишто се во фаза на реализација или ќе отпочнат со фаза на реализација, рече Мицкоски.

Изрази очекување дека овие средства ќе бидат доволни за да оваа година се засилат градежните активности на нови објекти и ако е потребно, како што рече, на крај на година, при таа конечна прераспределба, ќе додадат и дополнително.

-Важно е да се трошат пари за капитални инвестиции, бидејќи тие создаваат додадена вредност и тие се тие кои што влијаат врз квалитетот на граѓаните. Да не се трошат за друг тип на трансфери или како што веќе споменав, наместо да се гради, да се краде. Така за жал имавме случаи во државата со децении во минатото, истакна Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при пуштање на употреба на градинката „Кокиче“ во Трубарево.