„Бритиш стил“ се враќа во државна сопственост


Компанијата „Бритиш стил“ (British Steel) е на пат повторно да стане државна сопственост, откако британскиот премиер Кир Стармер денеска најави нови законски мерки кои, како што рече, ќе ѝ дадат на Владата „опции“ за заштита на индустријата и на работниците.

Новите овластувања би можеле да се искористат за национализација на „Бритиш стил“, 38 години откако компанијата првпат беше приватизирана. Ова следува една година откако Владата искористи вонредни овластувања за да ја преземе контролата врз компанијата и да го продолжи производството во фабриката во Сканторп (Scunthorpe), откако нејзиниот сопственик, кинеската компанија „Џингје“ (Jingye), предложи затворање на двете високи печки.

Оттогаш се водеа разговори со „Џингје“, но Владата соопшти дека не успеала да постигне договор за комерцијална продажба и дека не верува оти може да се постигне решение што би обезбедило доволна вредност за даночните обврзници. Британската влада оцени дека воведувањето законска рамка за враќање на компанијата во јавна сопственост е следниот исправен чекор и ќе ѝ овозможи да донесе одлуки за иднината на челичарницата.

Законодавството, кое ќе биде предложено неделава, ќе биде предмет на тест за јавен интерес, при што ќе се разгледуваат фактори како што се националната безбедност, одржувањето на критичната инфраструктура и поддршката на економијата.

– Силното домашно производство на челик е од витално значење за нашата економија и ова законодавство би ни овозможило да обезбедиме стабилност за работниците, добавувачите и клиентите на ‘Бритиш стил’ и да избегнеме штетни нарушувања во клучните синџири на снабдување, додека ги разгледуваме опциите за иднината на фабриката – изјави Стармер.

Тој додаде дека Владата е свесна оти обезбедувањето долгорочна иднина за британскиот челичен сектор зависи и од јавните и од приватните инвестиции за модернизација.

Синдикатот на металците ја поздрави можноста за национализација на „Бритиш стил“, оценувајќи дека тоа ќе ја „заштити од странски сопственици“. Националната секретарка на синдикатот ГМБ (GMB), Шарлот Брамптон-Чајлдс, изјави дека законодавството ќе ја опфати целата челична индустрија, а не само „Бритиш стил“.

– ‘Бритиш стил’ е национално стратешко богатство и исправно е Владата да направи сè што е во нејзина моќ за да ја обезбеди нејзината долгорочна иднина – рече таа.

Генералниот директор на здружението „Ју-кеј стил“ (UK Steel), Герет Стејс, исто така ја поздрави одлуката, оценувајќи дека таа „обезбедува витална сигурност за работната сила, клиентите и поширокиот синџир на снабдување во критичен момент“. Сепак, тој нагласи дека национализацијата „не е крајна цел“ и дека сега треба да почне јасен и веродостоен долгорочен план за компанијата.

Интервенцијата на британската Влада минатата година ги запре плановите на „Џингје“ и ја прекина постапката за отпуштања, која можеше да доведе до губење на 2.000 до 2.700 работни места.