Британски полицајци го обезбедувале принцот Ендрjу на забавата на Епштајн


Лондон – Британски полицајци служеле како обезбедување за братот на британскиот крал Чарлс III, Ендрју Маунтбатен-Виндзор, на забава организирана од осудениот американски сексуален престапник Џефри Епштајн во 2010 година, објави денес „Тајмс“.

Документите неодамна објавени од Министерството за правда на САД како дел од досието на Епштајн покажуваат дека двајца службеници за кралска заштита од Скотланд Јард ги чувале вратите на градска куќа во Менхетен, Њујорк, додека гостите, меѓу кои и американскиот режисер Вуди Ален, присуствувале на вечера организирана од Џефри Епштајн во чест на Ендрју Маунтбатен-Виндзор во 2010 година.

Тврдењата дека полицајците на Скотланд Јард всушност дејствувале како обезбедување за осуден педофил ќе бидат исклучително срамни за најголемата британска полициска сила, која со години не обвинила никого за скандалот со Епштајн, објави британскиот весник.

Откритието доаѓа по тврдењата дека телохранителите финансирани од даночните обврзници се зближиле премногу со Ендрју (66), на кого кралот Чарлс III му ги одзеде сите титули минатата година поради неговите врски со Епштајн, и можеби „замижале“ пред невнимание или потенцијален криминал.

Ендрjу Маунтбатен-Виндзор по излегувањето од притворот

Ендрју беше уапсен во четврток во имотот Сандрингам во Норфолк под сомнение за злоупотреба на јавна функција и беше задржан на испрашување повеќе од 11 часа, а полицијата во долината Темза ја водеше истрагата за тврдењата дека му пренел чувствителни информации на Епштајн додека бил британски трговски претставник.

Активностите на личните обезбедувачи на Ендрју за време на неговото патување во Њујорк во 2010 година го привлекоа вниманието на јавноста пред две недели, кога „Сандеј тајмс“ откри дека двајца од телохранителите на Ендрју престојувале со него во вилата на Епштајн повеќе од една недела и дека на еден од полицајците, Џулијан Филипс, веројатно му биле дадени безбедносни кодови за собите за да можат тој и неговиот колега да влегуваат по своја волја.

Престојот на Ендрју во Њујорк траел најмалку осум дена, а е-поштата објавена од Министерството за правда на САД покажува дека Епштајн лично понудил да ги смести обезбедувачите на Ендрју на имотот на 71-ва улица.

Се верува дека куќата, во која се наоѓал салон за масажа со слики од голи жени, била место каде што се извршувале сексуални злосторства во текот на годините.

Скотланд Јард пред три дена објави дека контактира со сите поранешни членови на обезбедувањето на Ендрју за да види дали биле сведоци на какво било потенцијално нелегално однесување.

Скотланд Јард го објави ова по тврдењата на поранешен висок службеник за заштита дека телохранителите на службата го придружувале Ендрју до карипскиот остров на Епштајн, Литл Сент Џејмс, најмалку двапати.