Британија се подготвува за најнечистите избори досега


Лондон – Борис Џонсон е втеран во агол околу „Брегзит“. Делумно поради неговите погрешни чекори, делумно поради зголемено спротивставување на неговиот план за „Брегзит“ – „направи или умри“, Џонсон е меѓу оние чии порази се трупаат, додека на Велика Британија како земја ѝ истекува времето. Сите преостанати опции за „Брегзит“ што му преостануваат на Џонсон водат до едно место: предвремени избори. Единственото реално прашање е дали тоа да се случи пред или по „Брегзит“. Кога и да се случи тоа, изборите ќе бидат подли, гадни и лични.

„За многу конзервативци лидерот на опозицијата Џереми Корбин ја отелотворува политиката што најмногу ја мразат, додека за лабуристите токму Борис Џонсон ја отелотворува елитата чии привилегии се недопирливи“, објаснува Метју Гудвин, професор на Универзитетот во Кент. „Кога има толку голем влог, невозможно е да не стане многу лично“.

Зошто кампањата би била толку злобна? Политичката атмосфера во Велика Британија е понепријателска од таа во изминатите децении. Корбин и Џонсон не само што се оддалечени со милји во однос на нивната политика, туку и нивните партии, исто така, се однесуваат една кон друга со отворен презир.

Еве како еден конзервативен извор ги проценува веројатните напади на партијата насочени кон Корбин. Ќе се напаѓа неговото минато дружење со наводни антисемитисти, неговата поддршка за нов референдум за „Брегзит“, но и неговата одлука да остане неутрален во секоја кампања. Ќе се проблематизира и неговото наследство на полето на националната безбедност и тоа дали може да му се верува дека ќе ја заштити нацијата, заедно со, како што опишува изворот, неговата „генеричка чудност“.

„Тој е едноставно лесна цел. Сè што ќе кажете за него, дека е екстремно лев или дека е збунет околу ‘Брегзит’, несигурен околу идните асоцијации, има основа да биде вистина“, вели изворот. „Како Трамп, секогаш има твит“.

Поддржувачите на Корбин, во меѓувреме, укажуваат на привилегираното потекло на Џонсон, за кое веруваат дека го прави слеп за ефектите од неговата политика врз луѓето кои не потекнуваат од истата животна средина како него. На почетокот, во обидот да ја води земјата, на пример, Џонсон се пофали дека ниту еден политичар не ги бранел банкарите онолку колку што ги бранел тој: „Ги бранев од ден во ден“, изјави тој.

Помошниците на Корбин укажуваат на подготвеноста на Џонсон да склучи брз трговски договор со американскиот претседател Доналд Трамп. Ваквиот договор, тврдат тие, ќе бара од Велика Британија да ги смени своите стандарди за увоз на храна и да отвори делови од Националната здравствена служба (NHS) за американските трговски интереси. Џонсон, пак, категорично негира дека NHS би бил на преговарачката маса со САД. Ова прашање е моќна тема за напад, или како што рече поранешниот конзервативен министер за финансии на Велика Британија, Најџел Лоусон: „NHS е најблиското нешто што Англичаните го имаат со религијата“.

Лабуристите укажуваат и на подготвеноста на Џонсон да ја напушти ЕУ без договор. За Корбин тој план водеше кон хаотичен излез и до недостиг на храна и лекови. Ако лабуристите го нападнат Џонсон дека е подготвен да игра политика со здравјето и благосостојбата на британските семејства, тоа ќе има голем ефект врз гласачите.

Она што е уникатно за моменталната политичка клима е тоа што двата главни политички ривали се притиснати и од помалите партии на маргините на дебатата за „Брегзит“. Прво, либералните демократи минатата недела ветија дека ќе го откажат „Брегзит“ ако освојат мнозинство на општите избори. „Не постои ‘Брегзит’ што ќе биде добар за нашата земја“, рече лидерот Џо Свинсон на годишната конференција на партијата. Тој посочи на економската штета што „Брегзит“ ќе ја има врз посиромашните заедници и штетата што ќе им ја направи на луѓето во итната здравствена заштита.

Со оглед на тоа што гласањето за „Брегзит“ беше добиено со тесен процент од 52 отсто наспроти 48 отсто против, партијата која е спремна да го запре излегувањето од ЕУ ќе се смета за успешна ако го направи тоа. Колку успешна се гледа од тоа што Либералдемократите завршија на второто место на последното национално гласање во Велика Британија – изборите за Европскиот парламент. Проблемот е што на првото место се најде Партијата Брегзит. Новото политичко движење на Најџел Фараж води кампања не само за излегување од ЕУ туку и за заминување без договор. Моќта на неговата порака претставува застрашувачка перспектива и за лабуристите и за конзервативците. Многу пратеници лабуристи претставуваат региони во земјата кои силно се изјаснија за излегување од ЕУ. Од Партијата Брегзит велат дека овој процес ги открил лабуристите како партија што ги презира своите гласачи.

Околу Џонсон и конзервативците работата на оваа партија на Фараж е уште полесна. „Борис рече дека повеќе би бил ‘мртов’ отколку да побара продолжување“, објаснува портпаролот. „Тој си го ископа ровот сам и ако не ја напуштивме ЕУ на 31 октомври, со задоволство ќе го втурнеме во него“, велат од оваа партија.

„Нема договор меѓу анкетарите, исто така, каков е успехот на која партија, така што ние навистина не знаеме која е почетната точка на оваа изборна кампања“, вели Вил Џенингс, професор на Универзитетот Саутемптон. Иако е малку веројатно дека либералдемократите или Партијата Брегзит ќе победат на општите избори, тој верува дека ќе се повтори динамиката одиграна на европските избори. Поради необичниот изборен систем на Велика Британија, тоа укажува дека ниту една партија нема да освои мнозинство на изборите. Ова ќе доведе до тоа секоја од нив да тврди дека има демократски мандат да продолжи со најекстремната верзија на она што го ветила во својот изборниот манифест. Значи, по неизбежни избори, по брутална кампања, во земја поподелена од кога било и со влада со малку или без јасен мандат, ќе остане главната дилема – каде што на крајот на краиштата, ќе заврши „Брегзит“? Во поголем хаос отколку што е денес, е најверојатниот одговор. (Си-ен-ен)