Божиновска – Варнс: Стратешкото партнерство во енергетиката со САД сега влегува во фаза на конкретна реализација
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска остварила средба со вршителката на должност амбасадор на САД, Никол Варнс, на која, како што објави на Фејсбук, ја потврдиле заедничката определба – „стратешкото партнерство во енергетиката сега влегува во фаза на конкретна реализација“.
-По потпишувањето на Меморандумот за соработка, во рамки на Стратешкиот дијалог со САД, следува она што е најважно: реални чекори, конкретни проекти и инвестиции што ќе ја зајакнат енергетската безбедност на државата. Разговаравме за можностите за соработка во развојот на гасната инфраструктура, обновливите извори на енергија и стратешките енергетски проекти што ќе придонесат за поголема диверзификација, регионална поврзаност и економски развој. Градиме енергетска иднина со силни меѓународни партнери, современи технологии и јасна визија. напиша Божиновска на нејзиниот фејсбук-профил.