Божиновска: Министерството за енергетика ги објавува сите договори – концесии и јавно приватни партнерства достапни на граѓаните

Отворена власт во пракса – Министерството за енергетика ги објавува сите договори – концесии и ЈПП, достапни на граѓаните, истакнала министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на денешниот владин тематски состанок за Партнерство за отворена власт, на кој се зборувало за напредокот и заложбите на институциите.
Како што се наведува во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, тоа преку својата посветеност и визија, активно учествува во реализацијата на тековниот Акциски план за Партнерство за отворена власт 2024–2026 година.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е координатор на заложбата 1.3 – Јавно објавување на склучените договори за концесии и за воспоставување јавно-приватно партнерство, како и активен учесник во заложбата 1.2 – Јавно објавување на вистински сопственици на фирмите што имаат склучено договори со државата. Со овие заложби, како што се истакнува, ко-креирани во партнерство со граѓанскиот сектор, Министерството испраќа јасна порака.
– Енергетиката, рударството и минералните суровини се сектори од големо јавно значење што го носат економскиот развој на државата. Нивното управување мора да биде транспарентно, отчетно и достапно за јавноста, затоа што успехот во овие области се гради и се дели со граѓаните – тој е од нив и за нив, смета Божиновска.
Кога станува збор за конкретни резултати, од Министерството наведуваат дека е формирана работна група во рамки на Министерството, што има задача да го реализира објавувањето на сите склучени договори за: 1. концесии за експлоатација на минерални суровини и 2. договори за детални геолошки истражувања.
– Овие документи се јавно достапни на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk, овозможувајќи директен увид за граѓаните и граѓанските организации, се подвлекува во соопштението.
Како што се додава, во делот на јавно-приватното партнерство (ЈПП), Министерството веќе води Регистар на доделени договори.
– Овој регистар ќе се надгради согласно новиот Предлог-закон за ЈПП, преку воспоставување Единствен електронски систем за јавно-приватно партнерство што ќе ги опфати сите фази на проектите – од планирање, до доделување, спроведување и завршување на договорите. Системот ќе биде директно поврзан со Националниот електронски систем за јавни набавки (ЕСЈН), се додава во соопштението.
Со овие активности, се нагласува, Министерството потврдува дека транспарентноста и отчетноста се основа на успешното управување со јавните ресурси.