„Бомба“ од СДСМ – секој граѓанин ќе има акции во енергетските компании

Според изјавата на Бојан Маричиќ секој граѓанин, вклучително и децата, ќе добие најмалку по 8.000 денари од вредноста на енергетските компании


Бојан Маричиќ на митингот во Кисела Вода

 

Бојан Маричиќ, меѓународен секретар на СДСМ и кандидат за пратеник во Изборната единица 1 денеска ја објави можеби најголемата „бомба“ на почетокот од кампањата за парламентарните избори – сите граѓани ќе станат акционери во државните енергетски компании.

„Воведуваме огромна промена, државните енергетски компании ги даваме во рацете на граѓаните“, рече Маричиќ вечерва на митнгот во скопската општина Кисела Вода.

Маричиќ најави дека граѓаните ќе станат акционери во енергетските компании.

„Висок процент од вкупниот број издадени акции во државните енергетски компании ќе се поделат еднакво на граѓаните. Секој граѓанин, вклучително и децата, ќе добие најмалку по 8.000 денари од вредноста на енергетските компании или 500 евра за едно четиричлено семејство“, рече Маричиќ.

Тој уште додаде дека на претстојните избори граѓаните ќе избираат помеѓу надеж и безнадежност.

„СДСМ и Коалицијата ‘За европска Македонија’ ја гледаат иднината на државата како горда и рамноправна членка на ЕУ најдоцна до 2030 година. Сега ја имаме најголемата шанса за влез во ЕУ – извесно е, предвидливо е, остварливо е. Заедно ќе успееме“, рече Маричиќ во Кисела Вода.