Боки 13 се обложи на Христијан Мицкоски


ЕРОЛ РИЗАОВ

ВМРО-ДПМНЕ експресно застана во одбрана на Боки 13 со силни симпатии на вмровските медиуми кон довчерашниот „сдсмовски рекетар“. Што ти е битка за власт. Денес си криминалец и рекетар, а утре херој и невина жртва

 

Бојан Јовановски, алијас Боки 13, најпознатиот осуденик во земјава, прв ја отвори предизборната обложувалница. Своите девет години затвор ги стави како влог кладејќи се во изборна победа на шпицен кандидатот Христијан Мицкоски. Добро изигра хазардерот  Боки. Откако падна пресудата  рече: Парите од аферата „Рекет“ завршија кај Заеви. Ете кај отишле милионите евра кои  до вчера во судскиот процес, при неговата одбрана, не постоеја.

Но, Боки наеднаш се присети и на други нешта, па поднесе повеќе кривични пријави против  високи функционери на СДСМ и повеќе деловни луѓе за разни злоупотреби.

Оваа предизборна бомбона за опозицијата има висока цена. ВМРО-ДПМНЕ експресно застана во одбрана на Боки 13 со силни симпатии на вмровските медиуми кон довчерашниот „сдсмовски рекетар“. Што ти е битка за власт. Денес си криминалец и рекетар, а утре херој и невина жртва. Така, Боки лесно ја откри шансата дека само ако победи ВМРО-ДПМНЕ тој со својота „донација“ од кривични пријави кои ќе осамнат  во медиумите и на социјалните мрежи има шанса да се спаси од долг престој во „Идризово“. Ако молчи секако губи, сега има барем 50 отсто шанси да се спаси. Тоа е есапот на Боки 13 направен во затворска ќелија. Колку ќе биде исплатлив ќе видиме по изборите, во зависност од тоа  колку ќе има влијание врз гласачите  ангажманот и поддршката на Боки 13 на ВМРО-ДПМНЕ во определбата на граѓаните на 15 јули.

Коалиции за да не се повтори грешката на Груевски

Меѓутоа, интересно е што речиси со исти мотиви како Боки 13, но со уште поголеми влогови, на предизборната кладилница настапија и големите политички партии. Па така, ВМРО-ДПМНЕ сиот свој политички, човечки  и финансиски капитал го вложи пола – пола. Едната половина ја инвестира јавно во ДУИ, а другата тајно во Алијансата на Зијадин Села, со дополнителна можност „повикај пријател“.

Предизборната стратегија на Христијан Мицкоски е задоцнетото сознание дека нема влада и премиерска функција без коалиција. Мицкоски овојпат игра на картата да формира влада, па макар и да изгуби на изборите. Не сака да ја повтори грешката на Никола Груевски од минатите избори кога ВМРО ДПМНЕ извојува пирова победа. Победи на изборите, а ја изгуби власта, оти со компромитираниот партиски врв никој од релевантните политички партии не сакаше да коалицира.

Високата тензија во битката на живот и смрт што ја продуцира ВМРО-ДПМНЕ е големиот влог за  спасување на повеќе членови од врвот на партијата кои се соочени со правдата, а еден дел и осудени на повеќегодишни затворски казни. Од тоа зависи и триумфалното враќање на Никола Груевски од Будимпешта со претходно добро осмислена кампања за наместени судски процеси и невино осудени луѓе, пратени во прогон. Партијата и белата палата синоним на организираниот криминал е хипотекарниот влог за  да се спасат сите осудени за обидот на државен удар на 27 април 2017 година, сите избегани  од земјата и осомничени,  да се заташкаат сите судски предмети и судења што се во тек за големите злоупотреби и криминали во период од 11 години неконтролирано владеење. Навистина голем влог кој ќе го плати цела Македонија ако повторно дојдат на власт истите луѓе носители на режимот во ерата на груевизмот.

Али Ахмети игра со два фикса

ДУИ и Али Ахмети имаат како и секогаш два фикса. Едниот фикс сигурно добива, другиот сигурно губи. Значи, Ахмети влогот на ДУИ го става на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Своите албански опозициски  противници сака да ги нокаутира со удар под појасот со свој шпицен кандидат за премиер Албанец. Изборот падна на Насер Зибери од подзаборавената ПДП, кој прифати да оди курбан, па неговото жртвување од несуден премиер да биде вицепремиер, или на  министерско место, нема да биде  штета, туку добивка за партијата во случај да се остане во власта. За таа цел веќе е пуштена во оптек една многу речита предизборна порака која ја праќа ДУИ. На еден триптих од лева страна е Зоран Заев, а од десна Христијан Мицкоски. Во средината е само контура на идниот  премиер Албанец, кој треба да ја добие таа функција како резултат на омразата, нетрпеливоста и големите разлики меѓу македонските партии што по сугестија на пораката ќе го донесе на премиерското место Насер Зибери.

Оваа допадлива и леплива порака во три слики на национален вознес Албанец премиер со други зборови ја кажува народната поговорка: кога двајцата се караат третиот користи. Авторите не пресметале нешто што може да го донесе ДУИ и другите албански политички партии во многу неповолна ситуација. А, тоа е истиот  национален вознес да стимулира  македонско-македонска коалиција што би предизвикало многу поголема политичка и безбедносна криза. Затоа на меѓуетничкиот терен мора да се игра многу претпазливо со уважување на реалниот однос на силите и на подготвеноста на општеството за исчекори кои мора да дојдат по демократски пат, а не со уцени и условувања.

Ако пак ДУИ на 15 јули замине во опозиција оставката на Али Ахмети од претседателското место и од политиката е поверојатна  отколку изборот на Албанец премиер. По неговото заминување  распаѓањето на ДУИ станува неминовност.

И кај ДУИ, како кај Боки 13, силен е мотивот за спасување од затвор на свои кадри. Затоа е неопходна националната карта за единство со лажната парола Албанец премиер за да биде јазиче на кантарот по изборите и повторно да остане  во власта, особено во коалиција со  ВМРО ДПМНЕ кои се многу попосакувани партнери  отколку СДСМ.

Меѓу стотината политичари и деловни луѓе кои се предмет на истрага и кои се обвинети од СЈО, сега префрлени предмети во редовното јавно обвинителство, има повеќе луѓе и од самиот врв на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ и блиски на нив. Евентуалната победничка коалиција со ВМРО-ДПМНЕ ќе означи слобода и амнестија на криминалците и крај на маките и високите трошоци за адвокати и на мрачните и ризични притисоци на партиските челници за попречување на правдата и владеење на правото.

Колкав е влогот на Зоран Заев и СДСМ

Влогот на СДСМ во иднината на Македонија со членството во НАТО и со отпочнување на преговорите со ЕУ годинава се обезвреднува со силниот налет на негативната кампања, политизација на пандемијата и наездата на лажни вести. Ударот на корона вирусот врз економијата и врз здравјето на граѓаните, стравот и долгата вонредна состојба, ограничувањата на движење прилично го стопија историскиот успех на кој сега на мала врата сакаат да се приклучат и тие што го кочеа цела деценија тој процес на европеизација на Македонија. Сега веќе ВМРО-ДПМНЕ тоа што не го прифаќаше како успех на премиерот  Зоран Заев, министерот Никола Димитров и на владата, го прикажува лажно како свој успех и на ДУИ, бидејќи стариот партнер има јасен услов дека не е можна коалиција со политичка партија која не ги прифаќа договорите со Грција и со Бугарија.

Социјалдемократите и Зоран Заев покрај коалицијата со Беса, ќе мора да го зголемат влогот не само во поддршката на економијата и социјално загрозените категории граѓани. Не е доволна и позитивната кампања и големите ветувања во Програмата за зафатите во наредните четири години. Не е доволна и меѓународната силна поддршка. Предноста која ја има СДСМ во овој момент според релевантните анкети на јавното мислење, ќе мора пред 15 јули да резултира со преговори за нови партнерства и постизборни коалиции кој ќе се потпираат на програмските определби кои се многу поблиски до СДСМ отколку до ВМРО-ДПМНЕ.

Влогот на СДСМ, на коалициските партнери во владата и во парламентот, не потценувајќи ја улогата и на еден мал дел на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои се спротивставија на ригидната анахрона политика на својата партија и ја поддржаа проевропска ориентација, не смее да се заборави и во ова предизборие. Под силен притисок, со жестоки обвинувања за предавство и за распродажба на националниот идентитет, и на бришење на македонската историја и јазик  во изминатите три години е стекнат огромен капитал на Македонија кој е на удар поради краткото паметење и црнилата на вмровската пропаганда. Тие вредности и достигнувања мора силно да се реафирмираат во деновиве пред избори за да не се доведат во прашање историските успеси поради спасување на еден куп криминалци кои се удомиле во политичките партии и кои имаат само една идеологија. Парите.

Тие што ја започнаа оваа храбра битка во изминатите три години, уривајќи ги барикадите пред кои Македонија стоеше цели 15 години закопана во место, треба да ја завршат оваа работа, или барем да ја донесат до точка од која нема враќање. Тоа денес е најголемиот патриотизам и долг на секој граѓанин кон својата татковина.