Боки 13 ги прими парите од „Рекет“, а ВМРО-ДПМНЕ бара одговор од СДСМ каде се тие
Контроверзниот Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец се дел од многу познатата видео снимка од надзорните камери кога си заминуваат од куќата на Јордан Камчев со торба во која наводно имало 1,5 милиони евра, а ВМРО-ДПМНЕ го прашува СДСМ каде се парите.
Во истрагата парите не се најдоа, па ВМРО-ДПМНЕ наместо да го праша Боки 13 бара од СДСМ да одговори дали парите од аферата „Рекет“ завршиле кај Зоран Башановиќ.
„Куќниот пријател на Заев и негов личен советник, Зоран Башановиќ, кој сега е шеф на центарот за лаги и манипулации на СДС, според извори од неговата матична држава, се вели дека еден и пол милион евра од аферата ‘Рекет’ завршиле токму кај него.
Српските медиуми, освен Заев, го поврзуваа и Башановиќ како еден од учесниците во аферата ‘Рекет’, а како што се вели во еден српски портал, во снимен инкриминирачки разговор, Башановиќ вели дека сега е време се да се наплати, и дека конечно е дојдено времето да биде полн како брод.
Освен овие еден и пол милион евра, да потсетиме дека имаме сведоштва за тоа дека рекетираните пари завршиле кај Зоран и Вице Заеви“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Но прашањето треба да им го постават на Боки 13 и Кичеец: каде отиде торбата со парите што ја изнесоа од куќата на Јордан Камчев?