Богојески го фали Мицкоски – тоа што не прави мнозинство бил мудар потег


Мицкоски одбива да ја преземе власта со пуч (ново мнозинство) – напиша на Фејсбук Петар Богојески од Македонски концепт, толкувајќи ја одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да бара брзи избори како мудрост, а не како индиректно признание на фактот дека им пропадна обидот да го преземат мнозинството во парламентот бидејќи сите коалициски партнери на СДСМ застанаа зад него.    

„Предвремени парламентарни избори во 2022 година мора да има и секако ќе има… но подобро од јануари е во април! За да има такви избори треба парламентот да се самораспушти… а за тоа треба мнозинство… а тоа мнозинство сака власт… се вртиме во круг! Опозицијата има сила да предизвика криза… парламентарна и институционална!Ама таква криза во овој момент е национално предавство! За да се спречи таа криза, мора итна лидерска средба и дефинирање на датум за избори на 10 април 2022 година. За да се согласи опозицијата со тој датум, мора Заев да си замине веднаш, а Македонија да ја управува техничка влада следните шест месеци! Техничка влада во вакви крајно кризни услови е неповолна за државата. СДСМ може да формира политичка влада со нов премиер, но тоа нема да го прифати опозицијата и пак влегуваме во криза. Македонски концепт е за тоа итно да се формира експертска влада за национален спас. Да ги покрене сите капацитети во државата, да ги надмине актуелните кризни состојби, а изборите се знае… на 10.04.2022 година“, препорачува Богојевски, кој до вчера беше самодеклариран критичар на ВМРО-ДПМНЕ.

„Зошто нови избори, ново трошење на парите на граѓаните и нивно малтретирање кога имаш мнозинство во Собранието? Второ, сигурен си дека ќе го освоиш истиот број на патриотски гласови откако твоите сопартијци седнаа во градоначалничките фотелји и ни кажаа дека, одеднаш, за ВМРО-ДПМНЕ ‘Северна Македонија е реалност’“, реплицираше на ваквите повици за самораспуштање на власта, од тие што тврдеа дека можат да ја урнат, Андреј Жерновски.