Богојески до Софија: Нема да прифатиме наратив што ќе ја урне македонската држава

Бугарија води политика против себе. Ако ја врати Северна Македонија во 19 век, во времето на пропагандата, само српската пропаганда може да успее кај нас и за кратко време да постигне успех што не го постигнала во последните 200 години, вели Петар Богојески


Петар Богојески (Фото: Б. Грданоски)

 

Вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав, што официјална Софија во моментов го бара од Скопје, би понудило привремено решение, но би создало нов проблем во време кога на Северна Македонија всушност и треба транзиција кон граѓански концепт на нација место наследениот модел од комунистичкото југословенско време, изјави  за бугарски „Дневник“ Петар Богојески, лидер на Македонски концепт.

„За мене начинот на решавање на спорот е сосема погрешен. Во моментов, од македонска страна преговараат, условно кажано, левичари кои инсистираат на стариот  југословенски историски наратив. Бугарија, пак, го наметнува наследството на живковизмот во вашата земја. Лично сметам дека е грешка македонско-бугарските разговори да продолжат врз основа на преговорите кои завршија во 70-тите и 80-тите години, кога другарот Крсте Црвенковски зборуваше од македонска страна, а другарката Цола Драгојчева од бугарска. Оваа одлука и овие разговори оттогаш не се соодветни, бидејќи начинот на кој болшевиците ги разбираа поимите ‘народ’ и ‘нација’ во тоа време не е решение денес за македонско-бугарскиот проблем.

Овој тип на перцепција ќе не врати назад и ќе има трајни ефекти врз нашите идни генерации. Решението мора да го бараме во современото сфаќање на поимот ‘нација’ и во начинот на кој се решава проблемот во Бугарија – дека сите се Бугари, како граѓани на Бугарија. Одлуката треба да е дека во Македонија сите сме Македонци како граѓани на Македонија, без разлика на нашето етничко потекло. Граѓанскиот концепт, преминот кон граѓански карактер на уставот на Северна Македонија е решение, а не вклучување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија. Напротив, сите мора да излеземе од уставот на Северна Македонија – Албанци, Срби, Турци, Роми и Власи – и сите да станеме Македонци.

Решението предложено од претседателот Румен  Радев и наметнато од Бугарија, а кое беше силно прифатено од македонска страна во владејачките кругови, донекаде е прифатливо за Северна Македонија. Така Уставот на Северна Македонија ќе означува две различни единици – македонската и бугарската. Ова е бришење на целата двестогодишна традиција, пропаганда или историски наратив на Бугарија и прифаќање на поинаква држава од онаа што Бугарија се обидува да ја наметне кај нас последните 200 години. Но, ова не е конечно решение, бидејќи веднаш потоа ќе се предизвика проблем во Македонија, така што  Македонците и Бугарите буквално ќе се тепаат по македонските улици докажувајќи што е Македонец со македонско потекло, а што е Македонец со бугарско потекло.

Така ќе се вратиме во времето на апсолутно непријателство меѓу Македонците и Бугарите, поточно, тоа ќе ни даде неодржливо решение, кое на нашите деца ќе им донесе многу посериозни судири од оние што ги имаме денес. Ни треба конечно и трајно решение, а одржливо и трајно решение е жителите на Северна Македонија, кои се чувствуваат како етнички Бугари да имаат целосно право да бидат граѓани на Северна Македонија и дел од суверената македонска нација, исто како и жителите на Бугарија кои се чувствуваат како  етнички Македонци да имаат право да бидат дел од модерната бугарска нација.

На овој начин го решаваме прашањето со поглед кон иднината, а не кон минатото, и создаваме атмосфера и можност многу полесно да разговараме за тоа што сакале да ни го кажат (Кузман) Шапкарев, (Гоце) Делчев, (Христо) Матов или кој и да бил друг. Ако продолжиме вака, ќе дојдеме до состојба во која само навидум отвораме преговори или привремено го отстрануваме таканареченото бугарско вето за Македонија, но за кратко време ќе се создаде многу поголем проблем кој нема да бидеме способни да го решиме и со кој ќе се спроведат стратегиите на старите држави – пред се на СССР – да направат целосна блокада меѓу Бугарија и Македонија, како во минатото меѓу Бугарија и Југославија.

Суштината на она што го проблематизирав е дека Бугарија и Северна Македонија мора да најдат решение за достоинствено разбирање на термините „Македонци“ и „Бугари“ така што двата да не се бришат еден од друг како факти. Не знам зошто вашите дипломати не ве информираат, но ваква е ситуацијата во Северна Македонија. Ако ја вратиме Северна Македонија во 19 век, во времето на пропагандата, само српската пропаганда може да успее кај нас, брзо и ефективно и за кратко време ќе постигне успех што не го постигнала во последните 200 години. Во моментов Бугарија води политика против себе. Наедно ничинот на кој сега ја водиме државата според овој устав може само да доведе до уништување на македонската државност…Се согласувам дека ова е тежок процес, но со меѓународна поддршка, особено од САД и албанските интелектуалци кои го прифаќаат овој концепт, мислам дека може да стане реалност“, вели Богојески за „Дневник“.

Според него, ако Бугарија е европска, независна, напредна, европска земја која сака да го води Балканот со својот напредок и просперитет, мора да седне и да изгради наратив што не ја оспорува бугарската државност, но покажува и разбирање за потребата од македонски историски наратив кој има за цел да воспостави македонска државност.

„Не очекувајте да прифатиме наратив дизајниран да ја урне македонската држава. Не од Европската Унија, бидејќи ние буквално ќе го повлечеме нашето барање за членство доколку некој, вклучително и Бугарија, тоа го очекува од нас“, вели Богојевски.

Тој даде оценка и за преставниците на бугарското малцинство во Македопнија кои беа примени од претседателот Румен Радев и други функционери каде што се жалеа дека им се ускратени граѓанските права.

„На средбите со вашиот претседател Радев видов луѓе кои не беа жртви на југословенскиот режим. Вистинските жртви на југословенскиот режим поради нивната припадност на бугаризмот како личен идентитет денес во Северна Македонија се крајно потиснати луѓе, скромни и повлечени, многу трагедии им беа предизвикани од ВМРО и од разговорите со Бугарија и не случајно тие не се вклучени во сегашниот говор. Реално, Бугарите по професија, кои ги создала југословенската служба, денес ги прифаќате во Бугарија како носители на бугарскиот идентитет на македонските Бугари, односно истите луѓе кои биле џелати на жртвите за кои зборувам. Затоа велам дека нема решение на патот по кој оди Бугарија.

Го разбирам вашиот нов премиер Кирил Петков. Тој сака да ја смени темата, да ја надгради во смисла на ‘зборување за реалниот живот’ и јас го поддржувам во тоа. Ова веројатно ќе биде ставот на новиот македонски премиер Димитар Ковачевски, но тоа не го решава проблемот меѓу Македонците и Бугарите. Но, други центри ни забрануваат да почнеме да го правиме ова. И среќен сум ако Кирил Петков се ослободи од овие центри и даде силен импулс од Бугарија. Зборувам прагматично, за реални резултати, не за документи. Знам, ќе потпишеме документи, комисиите меѓу двете земји ќе ги направат пет или шест, ќе разговараат два, три или пет месеци и ќе потпишеме документи за вистинска љубов. Но, тоа е како војникот да не ја видел девојката четири години и да и праќа писма од фронтот. Мислам дека тоа не е решение“, вели Богојески.