Блинкен се сретнa со Абас во Рамалах
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Рамалах се сретнa со палестинскиот претседател Махмуд Абас. Ova e прва посета на Блинкен на Западен Брег по почетокот на војната меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас, кое владее со Појасот Газа.
На средбата Блинкен „ја потврди посветеноста на САД за испорака на хуманитарна помош за спасување животи и продолжување на основните услуги“ во Газа, според портпаролот на американскиот Стејт департмент. Тој, исто така, јасно стави до знаење дека Палестинците „не смеат да бидат насилно раселени“, рече Метју Милер.
Блинкен и Абас разговараа за напорите за „враќање на смиреноста и стабилноста“ на Западниот Брег, вклучително и за потребата да се „запре екстремистичкото насилство врз Палестинците и да се повикаат на одговорност“, додаде Милер. Според него, Блинкен повторил дека САД остануваат „посветени на унапредување на еднакви мерки на достоинство и безбедност за Палестинците и за Израелците“. Блинкен, исто така, ја изразил посветеноста на САД да работат на „остварување на легитимните аспирации на Палестинците за формирање на палестинска држава“.
Блинкен, претходно на сослушувањето во американскиот Конгрес, истакна рече дека „во одредена фаза ќе биде најразумно една ревитализирана и ефективна палестинска власт да го преземе управувањето со Појасот Газа, која ќе ја сноси крајната одговорност за безбедност во енклавата.
Абас наведе дека предлогот на Блинкен може да се спроведе само со решението две држави.Поголемиот број израелски министри ја отфрлаат таквата опција, бидејќи ја гледаат како закана за еврејската држава. Абас исто така повика на итен прекин на огнот во Појасот Газа и да се дозволи поголема помош и гориво во крајбрежната област, која е под блокада од Израел. Абас рече дека палестинската управа е подготвена да преземе целосна одговорност за Појасот Газа како дел од сеопфатното политичко решение. Тоа политичко решение би ги вклучило окупираниот Западен Брег, Источен Ерусалим и Газа по завршувањето на израелската војна против Хамас, кој владее со Газа. Абас нагласи дека безбедноста и мирот може да се постигнат со ставање крај на израелската воена контрола врз територијата на „државата Палестина“ и признавање на Источен Ерусалим за нејзин главен град, пренесоа израелските медиуми. Тој, исто така, повтори дека Палестинската ослободителна организација (ПЛО) е единствениот легитимен претставник на палестинскиот народ и единствениот кој одлучува.
Хамас ја презеде контролата врз Појасот Газа во 2007 година, соборувајќи го движењето Фатах предводено од Махмуд Абас. Фатах моментално ги контролира само палестинските области во Западниот Брег.
Американскиот државен секретар вчера во главниот град на Јордан, Аман имаше средба со министрите за надворешни работи на Јордан, Египет, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар, кои побараа итен прекин на огнот. Блинкен го повтори ставот на САД дека Израел има право на одбрана но Хамас, но оти мора да се преземат сите мерки за да се спречат цивилни жртви.