Благодарници за пожарникарите од Германија и Словенија кои помогнаа во гасењето на пожарите

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов и амбасадорката на Германија Петра Дрекслер синоќа го испратиле тимот од Германија за двата противпожарни авиона „ер трактор” – пилотите и другиот воздухопловен персонал, кои помогнаа во справувањето со пожарите од поголеми размери во државава.
-Ангелов притоа искажа голема благодарност за помошта – и до нив лично, и до нивната држава. Амбасадорката Дрекслер ја потврди посветеноста на Германија за продолжување на одличната соработка со Северна Македонија и изрази подготвеност за поддршка согласно можностите и потребите на двете земји при справувањето со кризните ситуации во наредниот период, информира ЦУК.
Ангелов и Дрекслер во оваа пригода, како што посочува ЦУК, им врачиле на членовите на германскиот тим пригодни благодарници и скромен подарок за спомен на нивната мисија за воздухопловна противпожарна помош во нашата земја.
Претходно како што известија од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Ангелов синоќа го испратил и тимот од Словенија на хеликоптерот „кагуар“, пилотите и придружниот воздухопловен персонал, кои помогнаа во гасењето на пожарите во државава.
Како што соопшти ЦУК, словенечкиот тим помогна „до максимум според можностите и на персоналот и според техничките можности на воздухопловите во справувањето со пожарите од поголеми размери во Македонија“.
-Ангелов притоа искажа голема благодарност за помошта – и до нив лично, и до нивната држава. Во таа пригода им врачи благодарници и скромен подарок за спомен на нивниот престој во Македонија, информира Центарот за управување со кризи .