Бизнис форум: Се повеќе компании во Македонија ги препознаваат придобивките од ESG стандардите и принципите на одржливост
Се повеќе компании во Македонија ги препознаваат придобивките од примената на ESG стандардите и принципите на одржливост – практики кои придонесуваат за поголема транспарентност, подобра деловно репутација и поголема отпорност на предизвиците со кои се соочува современата економија, беше речено на денешниот бизнис форум за одржливост што го организира Клубот на одговорни бизниси на Конект во партнерство со Министерството за економија и труд и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во Македонија.
На форумот, претставници од бизнисот, институциите и граѓанскиот сектор низ панел-дискусии споделуваат визии и практики за одржлив развој и подобро општество, по што ќе бидат доделени и наградите „Предводници на одржливиот развој“.
-Во време на брзи економски тенденции, технолошки и општествени промени, одржливиот развој станува се поважен предуслов за конкурентен и стабилен раст во државата. Одржливоста денес не е само дел од корпоративната култура, туку е значаен фактор за привлекување инвестиции, отворање нови пазари и создавање квалитетни работни места. Компаниите имаат клучна улога во овој процес. Тие не само што создаваат економска вредност, туку придонесуваат за развојот на локалната заедница, заштитата на животната средина и унапредувањето на условите за работа, рече државниот секретар во Министерство за економија и труд, Адеми Јумни.
Тој напомена дека овој настан е одлична можност да се истакнат компаниите кои преку своето работење покажуваат дека економскиот успех може да се гради врз принципите на одговорност, иновации и долгорочна одржливост.
-Министерството за економија и труд ги поддржува иницијативите кои поттикнуваат одговорно работење, иновации и примена на современите стандарди за управување. Активно работиме на создавање политики и мерки што ќе ги поддржат конкурентноста и одржливоста. Во оваа насока, на почетокот од годинава, Владата ја донесе Стратегијата за развој на мали и средни претпријатија, која предвидува мерки за поедноставување на регулативата, подобрување на пристапот до финансии и силна поддршка за зелената и дигиталната трансформација на компаниите. Стратегијата е усогласена со принципите на Актот за мали бизниси на Европската Унија и на домашните политики за развој на на на секторот. Паралелно, преку реформската агенда на ЕУ спроведуваме и мерки за намалување на административните бариери за бизнисите, унапредување на деловното опкружување и создавање услови за побрз раст на компаниите во државата. Одржливиот развој денеска подразбира инвестиции во човечкиот капитал. Заради тоа, покрај економските политики, Владата, преку Оперативниот план за активни мерки и политики, оваа година ќе додели над 40 милиони евра за развој на човечки капитал и за отворање стартапи. Во период кога европските и глобалните пазари се повеќе ги вреднуваат одговорното управување, енергетската ефикасност и одржливите инвестиции, наша задача е да помогнеме на компаниите успешно да се прилагодат на овие трендови. Затоа ги охрабруваме инвестициите во иновации, дигитализација, зелени технологии и современи деловни модели кои обезбедуваат долгорочен раст и поголема конкурентност на на претпријатијата, подвлече државниот секретар.
Според Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект, компаниите денес немаат луксуз да не се занимаваат со одржливиот развој, зашто проблемите што ги има општество се многу, но и комплексни – од загадување и уништување на природните ресурси, како што рече, до намалување на наталитетот, демографските трендови и заминувањето на луѓето од државата.
-Компаниите тоа веќе го чувствуваат како недостиг на работна сила. Тука се и аспектите на владеење на правото и спречувањето на корупцијата. Компаниите едноставно не можат да бидат надвор од справувањето со овие процеси. Ниту државата, ниту граѓанскиот сектор поединечно немаат доволно ресурси сами да се справуваат со овие предизвици. Компаниите го имаат потребното знаење, ги имаат потребните ресурси и можат партнерски, заедно со институциите и со граѓанскиот сектор, да направат позитивни промени, истакна Кусиникова.
Таа се осврна и на наградите, со кои, потенцира, се промовираат предводниците на одржливиот развој во бизнис секторот.
-Преку овие награди сакаме да инспирираме и да поставиме пример за тоа како компаниите можат да бидат двигатели на попросперитетно општество, преку нивното вложување во вработените, преку грижата за животната средина, преку благосостојбата на заедницата. Ќе ги промовираме компаниите во различни области кои се поврзани со одржливиот развој – од благосостојба на вработените и вложување во родово одговорни семејни политики, до справување со климатските промени, вложување во заедницата и образованието, посочи директорката.
Јованка Брајовиќ Григоријевиќ, в.д. шефица на Канцеларијата на Фондот за население на ОН, напомена дека партнерството меѓу владините институции, невладиниот сектор и агенциите од системот на Обединетите нации се предуслов за успешно спроведување на агендата за одржлив развој.
-Во рамки на партнерството што се спроведува со поддршка на Австриската развојна агенција во пет држави од Западен Балкан, вклучувајќи не и нас, работиме на унапредување на пристапот до родово одговорни семејни политики. Со тоа им се овозможуваат на вработените во приватниот сектор дополнителни услуги и можности да го балансираат приватниот и професионалниот живот. Се надеваме дека во догледна иднина ќе го видиме тоа и во јавниот сектор. Одржливиот развој е задача на сите нас заедно, ниту еден сектор не може тоа да го постигне индивидуално и затоа е потребен ваков пристап. Со нудењето дополнителни услуги и можности за вработените се создаваат не само придобивки за животот на вработените, туку на тој начин и бизнисите успеваат да станат поконкурентни и да ги задржат квалитетните вработени, затоа што во денешните услови на глобализација тоа и не е така лесно, рече Брајовиќ Григоријевиќ.