Битола доби двајца министри, СДСМ остана без пратеник од градот

Во Битола се задоволни што добија двајца министри, но во Собранието остнаа само две пратенички, обете од ВМРО-ДПМНЕ


(Фото: А: Блажевска)

 

БИТОЛА – Битолчани како никогаш досега добија две министерства во новата влада на мандатарот Димитар Ковачевски. Битолските социјалдемократи добија министерство, но во исто време останаа без ниту еден пратеник. Сега градот го претставуваат двете пратенички од ВМРО-ДПМНЕ.

Позитивни се првичните оценки во политичката јавност во Битола откако Битола доби двајца министри во новата влада и плус што си ја „врати“ културата. Бисера Костадиновска-Стојчевска ќе биде нов министер за култура, а на досегашната позиција останува и лидерот на ЛДП, Горан Милевски, како министер за локална самоуправа.

Многумина битолчани кои живеат во Битола, а и оние со битолско потекло го претставувале градот во највисоките државни институции. Битолчани управувале со многу ресори, а најдолго време се задржале во министерството за информатичко општество, култура, во локална самоуправа, урбанизам, одбрана. 

„Двајца министри во влада за Битола значи многу, а може да значи и ништо. Многу е важно како владата ќе се постави кон тие министри. И дали тие министри ќе се борат за градот, колку ќе бидат моќни во ресорите. Многу е важно новиот министер за култура да ни ја врати културата во градот, односно ингеренциите или надлежностите за одлучување за градбите со културно и историско значење да се вратат во соодветните институции во Битола. Ова ќе биде најзначајниот потег за министерот за култура, зашто за градбите од централно градско подрачје дозволите се бараат во Скопје, а тоа ги декуражира инвеститорите. Значи не треба да се одлучува по ‘хартија’ како сега во Скопје, туку на терен. Во овој дел се најзасегнати Битола и Охрид, каде има најголем број стари градби кои се распаѓаат, и од тој аспект ова министерство е многу значајно за битолчани“, изјави за „Независен“ поранешниот министер за урбанизам Јорго Шундовски.

Во првата влада министер за одбрана беше токму битолчанец, Ристо Дамјановски. Во периодот од 1994 до 1998 со Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина управуваше Јорго Шундовски, а потоа и Томе Тромбев, како социјалдемократи. Министер за здравство во еден период беше и Петар Илиевски од Социјалистичката партија.

Во Владата на Љупчо Ѓеоргиевски немаше „асли“ битолчани за министри, но и Владо Камбовски (правда) и Милијана Даневска-Вучковиќ (за развој, па за трговија) се родени битолчани.

Битола во времето на Бранко Црвенковски во периодот 2002-2006 го презема ресорот култура, во време кога Благој Стефановски-Баге остварува значајни проекти од културата во државата. Пред него министер за култура беше и Ѓунер Исмаил, роден во Битола.

Со доаѓањето на Никола Груевски на чело на владата на ВМРО-ДПМНЕ, Живко Јанкуловски од НСДП станува потпретседател на влада, а Зоран Коњановски го добива министерството за локална самоуправа. Во 2008 Коњановски ротира во одбрана, а министерство добива Иво Ивановски, кој живееше во странство, се врати во државата и успеа најдолго да се задржи на функција како министер за информатичко општество и администрација, сѐ додека сам не се откажа од министерската фотелја, извесен период пред падот на Груевски.

Во владата на Зоран Заев на почеток немаше место за министер битолчанец, но по предвремените избори по две години, Министерството за локална самоуправа во 2019 го презеде Горан Милевски, кој и сега во владата на Ковачевски останува на истата позиција.

„Тоа што власта, СДСМ нема пратеник од Битола во парламентот ќе го компензираме со наш поголем ангажман во Владата. Влијанието на Владата е поголемо од парламентот во делот на реализација на проекти, се очекува засилено влијание, особено ако се знае дела ЛДП го услови влезот во Владата со изградба на нова жичарница на Пелистер“, изјави за „Независен“ Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

Поранешни пратеници од Битола констатираат дека лошо е што СДСМ Битола остана без пратеник, нема кој да ги „поттурне“ проектите за Битола кога ќе стасаат за гласање амандманите.

„Во првиот парламент Битола имаше девет пратеници, во периодот 1998-2002 имаше пет пратеници сите од ВМРО-ДПМНЕ, сега остануваме со двете пратенички од Битола, Олга Лозановска и Силвана Ангелевска. Општ впечаток е дека Битола е десеткувана во политичките структури во политичкиот живот на Македонија, без разлика што сега добиваме двајца министри“, вели поранешен пратеник од Битола.

Останува во наредниот период да се види колку двајцата министри ќе бидат ургентни и ефективни во исполнување на веќе ветените проекти од СДСМ и коалицијата за изградба  на најзначајните инфраструктурни проекти за градот и регионот: автопатот Битола-Прилеп, патот Битола-грчка граница, во перспектива Битола-Охрид, како и ставање во функција на пругата Битола-Кременица-грчка граница и гасоводот.