Битката меѓу Александар Николоски и Венко Филипче станува критична за кампањата

Николоски го обвини Филипче дека градел хациенда на Водно, а неврохирургот најави дека ќе го тужи за клевета, нарекувајќи го кафеански озборувач


 

Уште една „пресметка“ меѓу носителите во Четвртата изборна единица – Александар Николоски го обвинува Венко Филипче дека неврохирургот купил „ауди“ од 250 илјади евра и дека градел хациенда на Водно. Филипче ги отфрли тие наводи, велејќи дека Антикорупциската комисија одамна донела одлука дека нема таков имот и најави тужба за Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ за време на митингот во неделата во битолската општина Новаци наведе дека станувало збор за џипот „audi Q8 RS“, но кога ги прегледавме цените во Германија видовме дека тој таму се продава за двојно помалку, за 127.000 евра.

И пред и по почетокот на кампањата се гледаше дека битката во Четвртата изборна единица ќе биде една од клучните за разврската на парламентарните избори, а и за резултатот од гласањето во првиот круг на претседателските.

Прашањето на убедлива победа е прашање од огромно значење за вториот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски, па не е изненадување што партијата посветува несразмерно многу простор за известувања од неговата кампања, наспроти активностите на носителите во другите изборни единици. Неговите посети во местата на изборната единица партијата ги следи во чекор, како да е копретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Според партиските пресметки во Тројката и Четворката ВМРО-ДПМНЕ треба да направи ненадокнадива предност во пратенички мандати што ќе ѝ овозможи да биде убедливо прва партија. А и резултатот во првиот круг на претседателските избори треба да биде таков што ќе даде дополнително горови за гласањето на 8 мај. Но можеби расположението на гласачите не е баш такво, или се менува, па нападите против Филипче и Пендаровски се засилуваат.

Во исто време, Филипче во кампањата постојано се сретнува со граѓани, пациенти, пензионери, претставувајќи се како човек кому треба да му се верува. И зборува главно за она што ќе го прави како пратеник и човек и лекар со огромно искуство. Речиси и не споменувајќи го неговиот ривал Николоски.

Николоски во Новаци тврдеше дека Стево Пендаровски го „фатила голема нервоза“ поради тоа што ќе имало голема разлика меѓу него и Гордана Силјановска-Давкова, дека таа ќе била шестоцифрена, за потоа да посвети голем дел од своето излагање за Венко Филипче, кое, според исписот на неговата партија е жестока тирада.

Бурната реакција на Николоски следуваше откако претходно истиот ден Стево Пендаровски објави фотографија како седи во кафуле со Филипче и пијат кафе и го нагласи она што го кажа претходната вечер на митингот во Радовиш, нарекувајќи го „човек за кого ти е мерак да гласаш“ и дека како врвен лекар тој е достапен постојано за сите граѓани и решил да остане во Македонија, иако може да работи на секоја клиника во странство за огромна плата. Во исто време тој оцени дека Александар Николоски „целиот свој живот бил на државни или на партиски јасли. Нема еден ден работен стаж надвор од тоа. Партијата му давала работа, партијата му давала плата. Ако не е партијата не може да заработи за леб“.

Тоа беше уште една иницијална каписла Александар Николоски да одговори жестоко. Па рече: „Ако Филипче бил толку добар лекар, како што се тврди, треба да остане лекар бидејќи за тоа учел“. Потоа вели: „Јас, за разлика од Стево Пендаровски, знам што значи да се работи и работам од мојата 14 година на почеток во фамилијарните бизниси каде што помагав сѐ додека не се активирав во политиката и многу добро знам како се заработува плата. Од моето семејство и потесно и пошироко нема ниту еден вработен во јавна администрација, сите се во приватен сектор“.

Па се префрла на Филипче:

„Следна работа, со докторска или со министерска плата не се купува ‘ауди Q8 RS’ не знам да го кажам точно како се вика од 250 илјади евра како што вози Венко Филипче, и од докторска или со министерска плата не се гради хациенда на Водно“, и побара од Пендаровски тој да му одговорел како се гради толкава куќа на Водно.

И најпосле уште еднаш ги поврза двајцата: „Стево Пендаровски важи за најголемиот озборувач кај политичарите, или јас како што го нарекувам алапача број еден во Македонија. Во тие свои озборувања обожава да озборува за најблиските околу него, а Венко Филипче е еден од најозборуваните. Па да го прашам Венко Филипче дали слушнал или не дека кога Стево ќе се опушти вели дека Венко Филипче бил уживател на психотропни супстанци“.

Одговорот на д-р Филипче утринава беше кус, наведувајќи, меѓу другото, дека Николоски со 14 години единствено можел да лепи плакати, а не друго.

„Политичката култура на Александар Николоски падна на најниско ниво, но не сум изненаден од речникот. Сепак, морам да признаам дека не очекував Николоски да прерасне во кафански озборувач. Ваквото озборување упатува на целосно отсуство на идеи и концепт во оваа кампања, па Николоски со навреди се обидува да добие политички поени.

Исто така, загрижувачки е што Николоски изјави дека работел од свои 14 години, сакајќи да го оправда фактот што нема ниту ден стаж во реален сектор. На 14 години можеби единствено што можел да работи е лепење плакати.

Што се однесува до сите лаги пласирани за наводна моја хациенда на Водно, за која ДКСК има одамна одлука дека не ја поседувам, ќе добие соодветна тужба. Тужба ќе добие и за другите клевети кои ги изрече“, напиша на Фејсбук Венко Филипче. (Н.В.)