Битка за специјализантите во кампањата

Владата најавува целосни решенија по изборите, Силјановска би марширала заедно со нив, Филипче вели дека уште во 2018 биле решени голем дел од нивните проблеми


Од штрајкот на приватните специјализанти

 

За нивните барања изразени на неколкудневните протести расправаше Владата, за нив се зборува на митинзите, за нив се пишуваат објави на социјалните медиуми.

Штрајкот на приватните специјализанти обликува дел од изборната кампања. Владата на вчерашната седница заклучи веднаш по изборите да се подготват предлог законски решенија со кои ќе се предвидат севкупните права и одговорности на специјализантите по медицина кои со сопствени средства ја плаќаат специлизацијата. 

Владата тврди дека во активна соработка со специјализнатите досега покажала огромна грижа за унапредувањето на нивниот статус и оти е одлучна да продолжи во оваа насока.  

Специјализантите не мислат така. Тие велат дека ниту едно од нивните барање не било решено и ги слушнале само истите лажни ветувања. Приватните специјализанти ги повторија нивните барања за покачување на надоместокот кој во моментов изнесува 26 илјади денари и бараат тој да биде на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа. Исто така, бараат здравствено осигурување и решавање на нивниот статус кој е невработени лица без здравствено и пензиско осигурување со договор на дело.

Од митинзите синоќа се слушаа пораки за поддршка. Претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, ако таа во моментот била претседател ќе протестирала и марширала заедно со специјализантите.

„Не за да се правам важна или млада, туку за да покажам дека оние на клучните функции се таму заради заштита на јавниот интерес и јавното добро. А јавното добро мора да создава јавна вредност. Тие, специјализантите, создаваат непроценлива јавна вредност! Ги штитат нашите животи! Прават сѐ што прават и другите лекари. Ама токму тие не уживаат здравствена и социјална заштита. Па, каква е таа социјална држава и каква е таа социјалдемократија што не води сметка за оние кои ни се најпотребни?“, рече Силјановска во Гевгелија.

На ваквите тврдења реагираше поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кој е носител на листата на СДСМ во Четворката:

„За разлика од политикантството на Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ, јас како министер и СДСМ обезбедивме уште во 2018 приватните специјализанти да добијат месечен надомест во висина на просечна плата, платени дежурства како и платено здравствено осигурување“, напиша Филипче на социјалните мрежи.

И додава:

„Да ја потсетам кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска, дека нејзината партија 11 години од приватните специјализанти правеше социјални случаи. Тоа не го кажувам јас тоа се зборови на моите млади колеги. Силјановска изгледа не знае дека ВМРО-ДПМНЕ трудот на приватните специјализанти го вреднуваше 0 денари. Со букви НУЛА денари. Таа како пратеник во последниот парламентарен состав можеше, исто така, да иницира измени во законот. Ама тогаш веројатно немала ни слушнато за оваа категорија здравствени работници, а сега во кампањата се обидува на нивни грб да прави политички поени“.

Денеска Филипче изјави дека специјализантите остануваат во фокусот на СДСМ и во следниот мандат ќе ги остварат сите права за текот на нивната пракса преку целосно вкупно здравствено осигурување и ќе добиваат месечен надоместок од почетни 60.000 денари.

И дека цел на СДСМ е да создадат 1.000 нови специјализанти за четири години. (Н.В.)