„Билјана платно белеше“ во нов џез аранжман: Совршена увертира за 66. Охридско лето
„Билјана платно белеше’, една од најпрепознатливите македонски народни песни, добива нов живот, во пресрет на 66. Охридско лето, кое почнува в недела, на 12 јули. До 20. август, на Античкиот театар, во црквата „Света Софија“ и во нејзиното предворје, во Центарот на култура „Григор Прличев“, како и на сцената Долни Сарај ќе бидат реализирани вкупно 48 настани со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји од Европа и светот со што дополнително се потврдува меѓународната димензија и позиција на фестивалот на културната мапа.

Новиот џез аранжман на култната народна песна, први ја слушнаа пријатели и медиуми на гала настан на отворено на генералниот спонзор во Скопје.
Новата џез-интерпретација на „Билјана платно белеше“ е централен дел на кампањата „Културна врска“ , создадена во соработка со Националниот џез оркестар, во аранжман на Гордан Спасовски. Генералниот спонзор годинава одлучи поддршката на културата да ја преточи во трајна вредност, музичко дело што останува достапно за јавноста и по завршувањето на фестивалот.
„Наместо само да поддржиме културен настан, сакавме да создадеме нешто што ќе остане зад нас и ќе биде достапно за сите љубители на музиката и на културата. Горди сме што токму „Билјана платно белеше“, една од најпрепознатливите македонски песни, добива нов живот преку оваа соработка , изјави од компанијата.