Бил и Мелинда Гејтс се разведуваат по 27 години брак


Американскиот милијардер и основач на Мајкрософт, Бил Гејтс (65) и неговата сопруга Мелинда, објавија дека се разведуваат по 27 години брак.

„По многу размислување и обид да ја спасиме нашата љубов, решивме да ставиме крај на нашиот брак. Во текот на изминатите 27 години, одгледавме три прекрасни деца и основавме фондација која работи низ целиот свет за да им овозможи на луѓето да водат здрав живот. Ние ќе продолжиме да работиме заедно на тоа, но ние повеќе не функционираме како двојка. Бараме од сите приватност во ова време кога се обидуваме да продолжиме понатаму“, гласи нивната официјална изјава објавена од Бил Гејтс на неговиот официјален профил на Твитер.
Веста за разводот беше објавена само две недели откако последен пат се појавија заедно во јавноста и ги изненадија сите.

Тие се запознаа во 1987 година кога Мелинда започна да работи во компанијата на Бил. Истата година, Бил стана најмладиот милијардер во светот и имаше 31 година.

Двојката застана пред олтарот во 1994 година на хавајскиот остров Ланаи на новогодишната ноќ. Заедно имаат три деца. Тие честопати истакнуваа дека семејството е најважната точка во нивните животи, а од самиот почеток на нивниот брак многумина им завидуваа на нивната приврзаност еден кон друг.

Во своите мемоари пред неколку години, Мелинда истакна дека се чувствувала осамено во бракот кога беше бремена прв пат затоа што Бил работел цело време и бил преоптоварен со работа. Тој во тоа време беше шеф на „Мајкрософт“, а Мелинда тогаш велеше дека се плаши дека ќе се одалечат засекогаш. Сепак, тие успеаја да балансираат помеѓу работата и приватниот живот. Сопругата на Гејтс честопати истакнуваше дека Бил дома е маж како и сите други и ги делат домашните работи кога ќе се врати дома од работа.

Бил Гејтс е четвртиот најбогат човек во светот, а многумина веќе започнаа да шпекулираат колку ќе го чини разводот од неговата долгогодишна сопруга.