Бескаматни кредити или директна поддршка за исплата на плати – Владата уште нема пресечено


Илустрација

Владата се уште дефинитивно не одлучила дали помошта за вработените во компаниите ќе биде преку бескаматни кредити или пак како до сега со директна финансиска помош за исплата на плати, изјави вчера министерот за економија Крешник Бектеши. Тој за денеска најави дека ќе се одржи уште еден состанок во Владата околу претстојниот петти пакет анти-ковид мерки за стопанството и за граѓаните, кој, како што рече, очекува да биде објавен наредната недела.

„Се уште не е одлучено дека ќе се оди со опцијата за безкаматни кредити. Ние на маса имавме две опции кои ги разговаравме со стопанските комори во рамки на воспоставениот јавно-приватен дијалог, рече министерот Бектеши во емисијата ВинВин на Тв Телма. Зошто ја ‘фрливме’ на маса оваа опција? Ние сакаме нашите компании, посебно секторите кои мислиме дека се најпогодени, да бидат охрабрени и заедно со институциите да покажуваат резултати во време на криза“, додаде тој.

Бектеши објасни дека според овој модел доколку некој угостителски објект на пример земе бескаматен кредит за исплата на плати за пет вработени по 14.500 денари, во случај да покаже позитивни резултати во делот на зголемување на работните места или зголемување на приходите споредено со 2019 и со 2020 година, тогаш ќе добие грант од 30 или 40 – 50 проценти.

„Тие што имаат зголемување во однос на 2019 ќе земат скалесто, на пример 50 отсто, тие што ќе имаат зголемување во однос на 2020 ќе земат 40 или 30 отсто“, рече Бектеши.

На таков начин, според него, компании посебно од секторите кои се најпогодени, се стимулираат да станат проактивни, да се обидат да покажуваат резултати, да работат на тоа да обезбедат и грант.

Тој појасни дека и во досегашниот механизам за поддршка на платите е предвидено дека компаниите кои ќе бидат поддржани од страна на владата во делот на исплата на плати, ако во текот на 2020 година покажале позитивни резултати, да имаат обврска оваа година дел од тие средства да ги вратат.

Сега на некој начин ја предлагаме истата опција, која дополнително ќе ги мотивира компаниите кои ќе добијат ваква помош да покажуваат резултати, а секако ќе влијае и врз сивата економија“, рече Бектеши.

„Но, уште еднаш, ова не е конечна одлука“, рече министерот и додаде дека за денес е договорен уште еден состанок во Владата, како и дека е убеден дека кон почетокот на наредната недела мерките ќе бидат промовирани. За таа цел до понеделник ќе има уште состаноци со стопанските комори и со синдикатите на кои ќе се разгледаат уште еднаш нивните коментари на владините предлози, а потоа ќе се почне со законски измени или со програми со цел мерките да може да се применат во практика.

Тој е убеден дека и мерките од петтиот сет ќе дадат резултати и ќе бидат од помош за стопанството и за граѓаните и ќе придонесат за зголемување на ликвидноста на компаниите.

Инаку, во рамки на петтиот сет мерки, меѓу другото се најавени ваучери за туризам, кои сега наместо 100 ќе бидат 250 евра, потоа поддршка извозните компании, зза медиумите, за граѓаните преку мерката за отпишување на каматите за долгови кон комуналните претпријатија, а ќе се обезбедат средства за најпогодените сектори, вклучувајќи ги угостителството, туризмот, транспортот и складирањето. Бектеши рече дека ќе се направат и законски измени во делот на поддршка на инвестициите, оддносно дека ќе се зголеми поддршката што ја дава Владата како за компаниите кои немале можност да доијат помош минатата година, а направиле инвестиции во 2020, но истовремено и за нови дополнителни инвестиции.

„Дополнително, веќе сме при крај во работните групи за усогласување на Законот за царини каде што ќе ја зголемиме конкурентноста на нашите компании, односно на оние кои се извозно ориентирани, рече Бектеши. (М.Ј.)