Бесими: Да се најде одржливо решение за подобар стандард на наставниците проследено со реформи


Фото: Б. Грданоски

Зголемувањето на основните плати на наставниците за околу 90 проценти и линеарно зголемување на платите за скоро 20 проценти во градинките (што повлекува барања за покачување на платите во останатиот јавен сектор), во овие околности значи разгорување на инфлаторната спирала, наведува министерот за финансии Фатмир Бесими во колумната „За човечкиот капитал, продуктивноста и платите: Кој е патот до економски развој и подобар животен стандард?“.

Бесими истакнува дека платите во образованието треба и ќе растат и потсетува дека изминатите години имаше веќе неколку покачувања и во образованието и во детската грижа.

-Како што беше најавено од страна на Владата, после состанокот со синдикатите од образование, во наредните денови ќе следат решенија кои ќе бидат во интерес на изнаоѓање на одржливо решение за подобар стандард на наставниците, но во исто време тоа да се проследи со реформи што ќе значат поквалитетно образование, повеќе знаење за учениците и студентите, односно унапредување на човечкиот капитал, а со тоа зголемување на продуктивноста и одржлив економски раст што треба да не води и до повисок животен стандард на граѓаните, наведува Бесими.

Тој во колумната порачува дека до поголеми плати и подобар стандард ќе дојдеме преку раст на продуктивноста. Преку носење на соодветни политики треба да се делува кон структурните фактори, кои пак ќе придонесат за зголемување на квалитетот и квантитетот на продуктивноста на трудот и подобро користење на капиталот и ресурсите. Тука е, потенцира, капиталот – вложувањето во инфраструктурата, дигитализацијата на процесите, иновативноста, но пред се вложувањето во човечки капитал.

Како што пишува министерот, државава во 2020 година продуцирала 43.883 долари по вработен. Во споредба со регионот од Западен Балкан, посочува, сме релативно блиску согласно овој индикатор, но во однос на просекот на Европската унија (93.073 долари по вработен) заостануваме скоро двојно.

Согласно со Вкупниот фактор на продуктивноста (Total Factor Productivity – TFP, за време на пандемијата продуктивноста во државава опаднала за -4,5 во однос на последните десет години пред кризата, што се должи на падот на продуктивноста на трудот, што е разбирливо со оглед на затворањата на цели економски гранки поради превентивните здравствени мерки.