Берзата во голем пад, МБИ10 потона 2,89 отсто, на што се должи тоа

Берзанските експерти велат дека ова не се должи на параметрите на домашните компании, туку пред се е рефлексија на она што се случува на берзите во светот


Голем пад на берзанскиот индекс МБИ10 од 2,89 отсто забележа денеска на Македонската берза. На крајот на тргувањето МБИ10 застана на 6.149,97 поени, за цели 183 поени подолу во однос на крајот на тргувањето во петокот. Во „црвено“ беа акциите на сите десет компании кои го сочинуваат индексот, при што најголеми промени имаше кај акциите на „Тетекс“ за 5,97 отсто и на Стопанска банка Скопје за 5,35 отсто.

Вакво нешто речиси и да не се памети да се случило на Берзата, а особено изненадува бидејќи доаѓа по подолг период на постојан раст на вредноста на акциите. Растот е речиси континуиран од почетокот на декември минатата година, а и претходно трендот беше нагорен. За споредба, на 2 декември МБИ10 изнесуваше 5.856,93 поени, а највисок износ имаше во четвртокот минатата недела кога достигна 6.362,15 поени.

Берзанските експерти велат дека ова не се должи на параметрите на домашните компании, туку пред се е рефлексија на она што се случува на берзите во светот, особено со вредноста на акциите на технолошките компании, најавата за зголемување на каматните стапки од страна на некои од водечките централни банки, падот на вредноста на крипто валутите, пред се на биткоинот и на се позаканувачката криза околу Украина, што предизвика и кај нас да има панична реакција.

„Во прва линија станува збор за пренесување на шокот од странските берзи, како и извесното зголемување на каматните стапки од страна на некои централни банки. Ова што се случи денес на Македонската берза во најголем дел не е поврзано со фундаментите на домашните компании“, вели Коста Костадиновски, директор на Капитал асет менаџмент.

Тој додава дека резултатите на македонските компании заклучно со 31 декември 2021 година се уште не се излезени и дека допрва се очекуваат, така што нивното влијание врз тргувањето на Берзата допрва ќе се види, но дека сепак, кај повеќето тие се добри.

Инаку, во светот, пазарите на капитал се соочуваат со големи турбуленции. Блумберг викендов објави дека минатата недела беше една од најлошите за технолошките компании, како и за криптовалутите, што придонесе да се намали богатството на некои од најбогатите луѓе во светот.     (М.Ј.)