Белоруската опозиција се дели, лидерите формираат нови партии

Неколкумесечните протести не успеаја да го соборат Лукашенко од власт. Опозицијата се надева да ги обнови оваа пролет
Белоруската опозиција се дели, а Павел Латушко, поранешен дипломат и министер, кој сега е во егзил, најави формирање на нова политичка партија.
Партијата сè уште нема име, но тоа сигнализира дека широкиот фронт создаден од опозицискиот лидер Светлана Тихановска е поделен по повеќемесечните бесплодни протести насочени кон отстранување на авторитарниот лидер Александар Лукашенко од власт.
„Ние градиме повеќепартиски систем во кој граѓаните на Белорусија ќе имаат вистински избор меѓу политичките партии“, рече Латушко во видео порака преку Интернет.
Неговиот потег следи една недела откако уште еден лидер на опозицијата, Виктор Бабарико – кој моментално е во затвор во Белорусија – објави формирање на своја партија.
Потезите создаваат непријатна позиција за Тихановска – јавното лице на опозицијата која тврди дека победила на претседателските избори во август. Официјалниот резултат му даде на Лукашенко 80 проценти од гласовите, но тој исход е нашироко осуден како измамнички. Резултатот предизвика огромни протести низ Белорусија кои доведоа до жестока акција на силите лојални на Лукашенко, со илјадници уапсени и најмалку четворица убиени.
Лидерите на опозицијата или се во затвор или ја напуштија земјата; Тихановска е во Вилнус, додека Латушко е во Варшава.
Опозицијата се надева дека ќе ги обнови масовните протести против Лукашенко, кои згаснаа во текот на зимата. Во својот апел, Латушко повика на демонстрации на 9 мај, денот кога Белорусија слави крај на Втората светска војна.
И Тихановска и Латушко се дел од седумчлениот президиум на Координативниот совет за Белорусија – невладино тело чија цел е олеснување на демократскиот трансфер на власта. Но, две лица блиски до президиумот рекоа дека контактите меѓу Тихановска и Латушко се намалиле.
За Тихановска клучот е да ги задржи сите водечки опозициски политичари во обединет фронт против Лукашенко, кој ги назначи и Латушко и Тихановска за терористи.
Говорејќи од канцеларија со непозната адреса во Варшава, Латушко го минимизираше секој раздор со Тихановска. „Тихановска одлучи да се постави себеси во клучен момент во историјата на нашата нација. Таа доби многу гласови и јас многу ја почитувам“, изјави тој за „Политико“.
Движењето против Лукашенко во Белорусија е главно без водач со месеци – организирано спонтано или преку форуми преку Интернет – што им создава потешкотии на политичарите кои тврдат дека го претставуваат.
Тихановска стана водечки кандидат за опозиција на изборите во август откако Лукашенко го затвори нејзиниот сопруг Сергеј, популарен опозициски блогер, како и Бабарико, поранешен висок банкар кој добро стоеше во анкетите.
Не е лесно да се спроведе анкета во Белорусија, но и оние што постојат покажуваат расцепкана поддршка за опозициските политичари. Едно онлајн истражување спроведено од јануари од „Чатам хаус“ покажа дека Бабарико е најпопуларен, со поддршка од 28,8 проценти – за малку пред Лукашенко – додека Латушко беше втор со 12,1 процент. Тихановска, како и неколку други политичари, беа групирани со околу 4 проценти. (Политико)