Белгиските епидемиолози под полициска заштита, им се закануваат со убиство


БРИСЕЛ, БЕЛГИЈА Празната Кралска галерија „Сан Ибер“

Од почетокот на пандемијата епидемиолозите кои членуваат во кризниот штаб за Ковид-19 се соочуваат со редовни закани по нивниот живот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Епидемиологот Марк Ван Ранст сведочеше вчеравечер пред специјалната комисија на белгискиот Парламент и предупреди дека притисокот станува неподнослив за него и неговите колеги.

-Се наоѓам под полициска заштита, нема многу земји каде експертите имаат полициска заштита, ова не е нормално!, изјави епидемиологот Ван Ранст.

Тој ги обвини круговите кои шират антиваксерска пропаганда и теории на заговор, организирани во здруженија. Тој нагласи и дека овие лица го споредувале со нацистичкиот доктор Менгеле и предупреди дека станува збор за опасни радикализирани групи.

Епидемиологот изјави дека добива и анонимни телефонски повици кога е дежурен со закани за следните избори и слогани за поддршката на партиите од екстремната десница. Тој ги обвини пратениците од екстремната десница дека сеат омраза и додаде дека ако продолжи вака ситуацијата Белгија ќе остане без епидемиолози во кризниот штаб.