Балканот погоден од африкански горештини: Температурите скокнаа до 30 степени, доаѓаат опасни грмотевици

Балканот е на удар од две многу топли воздушни маси.
До крајот на неделата Балканскиот Полуостров ќе биде под напад на две воздушни маси, многу топли од југ и исток и значително постудени од северозапад. Синоптичката состојба ќе биде таква што од северот на Африка и од Сахара над јужните, централните и источните делови на Балканот ќе тече многу топла воздушна маса. Во Грција, Србија, Бугарија, Северна Македонија и Романија ќе донесе летни температури до 25 степени, а во многу области температурата ќе ги надмине летните 25 степени. На некои локации во Бугарија се очекува да биде и до 30 степени, што би бил првиот тропски ден годинава. Да потсетиме дека зимата се уште трае според календарот.
Овие температури се за 15 степени повисоки од просечните за овој период од годината.
Покрај многу топлата воздушна маса, како дел од јужниот тек од северот на Африка, пристигнува и големо количество песок од Сахара, па атмосферата е облачна, а врнежите се нечисти, поради пустинските честички. Оваа појава е од природна природа, а највидлива е на возилата и другите предмети по престанокот на дождот.
Истовремено, на северозапад од Балканот, односно во Словенија и на север и северозапад од Хрватска ќе биде значително постудено, со температура од 5 до 10 степени, додека на Алпите ќе вее снег. Во почетокот контактот на овие воздушни маси ќе доведе до формирање на слаби облачни системи, придружени со врнежи од дожд и грмежи.
Јадранскиот регион, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска ќе бидат зафатени од обилни врнежи од дожд, а снег ќе паѓа и на планините на Словенија.
Најсилни олуи се очекуваат во Херцеговина, во јужните и централните предели на Црна Гора и во делови на Далмација, како и над делови од Јадранот каде ќе дува бурен јужен ветер со повеќеметарски бранови. Најтопло време и највисоки температури ќе се измерат првиот ден од викендот.
Вториот ден од викендот заладувањето со продор на студен фронт ќе донесе пад на температурата на воздухот за 10 до 15 степени во централниот дел на Балканот, на почетокот на следната недела на планините ќе врне снег, на места од 10 до 20 сантиметри, а значително постудена воздушна маса ќе се спушта сè кон југ.
По престанокот на дождот се очекува разведрување, а претпладне и голомразица.