Бајден ќе ја врати моќта на Америка на Балканот


НАНО РУЖИН

Во Западен Балкан останаа повеќе недовршени досиеја, како што се БиХ и дијалогот Приштина-Белград, а еве сега и спорот меѓу Скопје и Софија. Бајден во дипломатскиот куфер има големи белешки од неговото познавање на Балканот и затоа се очекува поголема улога на неговата администрација во регионот

 

„Можеби би било подобро наместо да се распушти владата, владата да го распушти народот и да избере некој друг народ“, саркастично сугерираше Бертолт Брехт во 1953. Во 2003, околу 70 отсто Американци изјавиле дека се „крајно горди што се Американци“ додека во 2020 тој процент е сведен на 41 отсто. Во 2020, четири петини од Американците сметаат дека нивната држава е „надвор од секоја контрола“. Никој не претпоставуваше дека храмот на американската демократија – Капитолот, ќе биде освоен од страна на толпа луѓе што се нарекуваат патриоти, пишува Сајмон Серфати од Фондацијата „Роберт Шуман“. Слично на нашите „тврдокорни“ од 27 април, освен во ракометот покажавме дека сме три години пред САД и во организирање на вевчански карневал во македонскиот Капитол – Собранието. Разбирливо, поканата на Трамп за „балот под маски во Капитол беше една тажна слика за демократијата во САД“. Апсурдот да биде поголем, довербата на Американците во 2020 кон председателот Трамп (16%) беше помала од довербата кон Ши Џинпинг (19%) и Путин (23%). За несреќа на поразените, историјата им припаѓа на победниците, а поразените секогаш грешеле.

 Мнозинството демократи на чело со Ненси Пелоси, но и дел од републиканците како Лиз Чејни и Мич Меконел сонуваат за импичмент на Трамп со што дефинитивно би заминал од политиката и можноста да се бори за втор мандат. Некои аналитичари како Фиона Хил од институтот „Брукингс“ или Лих Писар, поранешна советничка на Клинтон, инвазијата на Капитол ја сметаат за „обид за државен удар“. Други, како Лорик Хенетон, сметаат дека „демократијата ќе преживее во државата во која институциите се силни“, а освојувањето на  Конгресот од страна на „обичните маскирани  луѓе“ го третира како обид да „направат селфи“ во култната зграда на Капитол. Во целата американска несреќа, отпечатена со инвазијата на Собранието, расте притисокот врз  совеста на политичарите, а тоа како да влијае врз иницирањето на дебатите посветени на пост-трампистичките  очекувања во внатрешната и надворешна политика на администрацијата на Џо Бајден и Камала Харис.

Реставратори и реформатори: Независно од стереотипните констатции дека американските председатели не отстапуваат од надворешната политика на нивните претходници, аналитичарите очекуваат една многу поинаква надворешна политика на Џо Бајден, ослободена  од барокните и бурни загради, и враќање кон американската надворешна политика од годините на Обама (2009-2017) одбележана со воздржаност, смалување на воениот интервенционизам и  смирувачки говори. Познато е дека токму Барак Обама одби да изврши воздушни напади врз Сирија, да иницира нови стратешки концепции во Либија (leadership from behind), кои се толкуваа како премногу интелектуални и тешко разбирливи за неговите сојузници. Со Бајден ќе дојде и нова владејачка екипа на афирмирани специјалисти како Антони Блинкен, Сузан Рајс, Мишел Флорнеј, Саманта Пауер, Елизабет Шервуд-Рандал, како  и Вилијам Барнс и Николас Барнс. Освен овие познати имиња, треба да се смета и на сенаторот Боб Мендез, како и на кадрите  од екипата на починатиот Џон Мекејн, како Џули Смит и Џеф Прескот, поранешен соработник на Бајден.

Добрите познавачи на американскиот политички живот, како Фредерик Шарион, констираат дека во овој миг меѓу интелектуалците блиски до Демократската партија се одвива дебата помеѓу „реставарторите“ и „реформистите“ околу влогот за идната надворешна политика на администрацијата Бајден. Реставраторите сметаат дека единствено е неопходна реставрација на американската надворешна политика, додека реформистите се за сосема нов почеток во  сферата на надворешната политика. Ова стратегија особено е актуелна во однос на регулирање на прашањето со Кина, сојузништвото со останатите демократии и меѓународната промоција на либералните норми. Една од најзначајните реформистички фигури e Пит Бутиџиџ кој изненади со својата харизма и шарм за време на внатрепартиските кандидатури за председателски кандидат меѓу демократите. Посебно е интересно прашањето за вистинската моќ на влијание на потпредседателот Камала Харис, инаку член на Комитетот за разузнавање при Сенатот. Сѐ уште не е познато на кои меѓународни прашање ќе се фокализира заменичката на председателот, особено ако се знае дека Џо Бајден има 78 години, со што нејзината ролја ќе биде многу поизразена.

Светот има потреба од Америка: Изборот на Бајден е амблематичен и заради една друга причина. За прв пат во последните педесет години (освен во времето на Џими Картер 1976), САД се толку поделени и расцепкани до ниво на целосен историски прекин. Трамп ја воведе омразата меѓу народот, Американците почнаа да се тепаат помеѓу себе, расните прашања експлодираа, додека пандемијата силно го погоди стоопанството и луѓето. Според тоа, примарниот ангажман на администрацијата Бајден ќе биде насочен кон внатрешните прашања. Но светот има потреба од Америка. Светската економска криза е глобална исто како и пандемијата. Антиамериканизмот се шири и потсетува на времето на ерата на неоконзервативците. Сојузниците почнаа да се сомневаат во заедништвото, а Турција е во студена војна со Грција и Франција. НАТО има потреба од посериозна поддршка од страна на Вашингтон. САД во епохата на Трамп се повлекоа од повеќе мултилатерални институции и договори и оставија простор на неколку амбициозни меѓународни актери. Климатските пертубации се интензивираа и сите прашања на животната средина, од кои Трамп се повлече, се почувствуваа.

Блискиот Исток е во безизлезна состојба воден од надминатите идеи на изолационизмот и од таму се повлече администрацијата на Трамп. Партнерствата во Паицфикот се неопходни за урамнотежување на овој регион, меѓутоа по повлекувањето на Трамп  од оваа геостратешка зона се почуствуваа големи празнини. Трамп ги остави на цедило и неколку светски меѓународни организации, пред сѐ Светската здраствена организација, во времето на глобалната пандемија. Илибералните популисти според урнекот на Трамп кои ги поддржа директно или индирекно, се охрабрија и силно се профилираат. Трамп покажа голем цинизам и неразбирање на надворешните стратешки влогови

Кога се редат сите овие проблеми се наметнува и едно друго прашање: Доколу САД настојуваат да го пронајдат сопственото лидерство дали светот ќе биде во состојба да го прифати нивниот come back? За четири години Кина профитираше од грешките на Трамп. Нејзиниот проект „Патот на свилата“ е единствен светски стратешки глобален проект, со средства расположиви на светклиот пазар. Русија и Турција почнувајки од 2016 исто така ја искористија слабоста на САД и  извршија стратешки влијанија кои не се само регионални.    

Бајден – претседател и дипломат: За набљудувачите од Европа, надворешната политика на председателот Бајден ќе означи „целосен прекин со непредвидливата дипломатија на Доналд Трамп“. Како голем заговореник на мултилатерализмот, сепак основата на американската политика нема да претрпи револуционерни промени.

Во својот дипломатски багаж Џо Бајден носи огромно меѓународно искуство на добар познавач на меѓународните односи. Како сенатор на демократите председаваше со Комитетот за надворешни работи од 2002. Тој оствари бројни патувања и средби на Балканот, во Ирак и Авганистан, пред да стане и потпредседател на Барак Обама. Германската канцеларка Ангела Меркел со голем респект го оцени диломатскиот куфер на Бајден, го истакна неговото „децениско искуство во надворешната политика, што е од огромно значење за Европа и Германија“.

Но што навистина може да направи Бајден? Извесно е дека САД се најмоќната воена, економска и културна сила во светот. Поновата историја покажува дека независно од таквите перфоманси горчливите искуства од  Виетнам, Сомалија, Авганистан, Ирак или Сирија, покажаа дека не е доволно само технолошката надмоќ за да се биде победник. Што да се очекува?  Евидентно е дека повторно ќе се инвестира во мултилатерализмот? Бајден го најави враќањето во членството на големите организации и меѓународни договори кои ги напушти Трамп.  Европејците со голема желба исчекуваат Бајден да го исполни предизборните ветувања и да го врати Вашингтон во Договорот од Париз за климата – КОП 21, потоа во Договорот од Виена за иранските  нуклеарни истражувања, да се обнови американското финансирање на Светската здраствена организација, да се обнови договорот за Отворено небо со Русија, да се реактивира на транс-пацифистичкото партнерство  во зоната на Пацификот, конечно и да се поврати довербата кон традиционалните партнери со јакнењето пред сѐ на евро-атлантизмот и НАТО. Секако, бројните планови и проекти не можат да бидат решени во еден ден. Неопходни се дебати околу стратешките евро-атлански прашања, како што се отварањето на европскиот пазар кон одбранбените индустрии на САД како и на Европскиот фонд за одбрана.

Изборната база на демократите од Џо Бајден очекува посилна поддршка и јакнење на  демократијата и почитување на човечките права. Но како да се биде и мудар и ефикасен, а истовремено прагматичен и рационален кон Кина (Хонгконг, Ујгурите, Тајван…), Саудиска Арабија, која и самиот ја третираше за недопирлива држава, или кон Турција и нејзиното руско приближување? Само по себе повторно се наметнува тежината на Блискиот Исток, избалансирање на односите со Палестина по преселувањето на американската амбасада во Ерусалим и сложените односи со Нетанјаху…

Како посебен предизвик за администрацијата на Бајден се хибридните војни (Украина) кои се комбинација на државни и недржавни институции, односно верски мрежи финансирани од страна на државите (Сирија, Ирак, Иран, Либија), потоа зовриениот стратешки пејсаж измешан преку силите на дезинформациите (sharp power) и моќта на меката сила „soft power“. Во јануари 1961 Кенеди пред сѐ мислел на безбедноста на останатиот свет, и настаните по нуклераната криза со Куба целосо го потврдија неговиот став. За Бајден опасноста е двојна: освен пореметениот светки поредок и хаос како и заканите кон алијансите, новиот председател ќе мора да се соочи со „опасностите по американската демократија“. Ова е тажен епитаф за неговиот претходник кој ветуваше дека од САД ќе создаде најпрестижна демократија и држава во светот.

Бајден во балканскиот лонец: „Америка ке се врати на меѓународната сцена“ е слоганот кој во хор го повторуваат европските политичари и аналитичари во Берлин, Париз и Брисел. Америка ќе се врати и на Балканот, што е сосема очекувано, бидејќи од епохата на претседателот Клинтон, САД беа интензивно  присутни во регионот. Меѓутоа во Западен Балкан останаа повеќе недовршени досиеја, како што се БиХ, дијалогот Приштина-Белград, а еве сега се наметнува и билатералниот спор меѓу Скопје и Софија. Во мандатот на Трамп во Северна Македонија се случија големите пресврти и падот на популистичкиот режим на Груевски, како и упадот на толпата во Собранието. Американската амбасада, како и дипломатите Брајан Хојт Ји и Метју Палмер одиграа важна улога во зачувувањето на стабилноста и надминувањето на популитичкиот илиберален режим на Груевски.  Администрацијата на Трамп со извесен епизоден пресврт се обиде да ги измири и Белград и Приштина, но вистинските ефекти во изборната година не вродија со плод. Кога во  администрацијата фигурираат личности кои поседуваат детални познавања на регионот, како Џон Кери, Николас Барнс, па и самиот Бајден, евидентно е дека значително ќе се зголеми американското присуство во Западен Балкан.

Нема сомнение дека Бајден радикално ќе прекине со непредвидливата и индиферентна дипломатија на Трамп и отсуството на пермаменетноста во надворешно-политичката стратегија. Основите на американската дипломатија на Балканот се солидно анкерирани и добро познати. Триесет години САД преку своите претседатели од демократите и републиканците играа значајна улога на Балканот, ги афирмираа правилата, учествуваа во изнаоѓање на мировните решенија, но покажуваа и манифестираа ударна воена сила во БиХ, во Србија и на Косово, со цел да воспостават една колективна регионална сигурност и просперитет.

 Северна Македонија како најнова членка на Алијансата ќе добие отворена поддршка од страна на администрацијата на Бајден, бидејќи во американската геополитичка стратегија, нашата територија е круцијален елемент на балканскиот мозаик. Македонија не поседува некои големи енергетски и геолошки ресурси, но територијата низ која поминува Коридорот 10, од солунскиот залив, преку Вардарско-моравската долина до Дунав, како и границата со Србија, Албанија и Косово од една и Коридорот 8 од Црно море преку Македонија до Јадранско Море се стратешко атрактивни за  Вашингтон. Бајден ќе умее да ги почитува Охридскиот, Преспанскиот и договорот со Бугарија, како и патот што го изоде владата на Заев за да стигне во членството во Алијансата.

Конечно и сликите од 27 април 2017 од Собранието на Северна Македонијна ќе го потсетат на настаните од 6 јануари 2021 во американскиот Конгрес. Тој е свесен дека слично на Трамповите „патриоти“ кои извршија инвазија на Капитолот, и во Северна Македонија и натаму ќе постојат македонските „тврдокорни патриоти“ кои постојано ќе претставуваат закана за демократијата. Меѓутоа, за разлика од САД каде републиканците го осудија „балот под маски“ во американскиот Конгрес, ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не го осуди настанот од 27 април. Можеби Трамп повеќе никогаш нема да се занимава со политика, но јасно е дека трампизмот и натаму како политички вирус меѓу средните класи ќе продолжи да опстојува. Во Северна Македонија, засега не е познато дали шампионот на илибералната демократија Никола Груевски ќе се врати во државата, но јасно е дека груевизмот сѐ уште се негува во дел од раководството на неговата ВМРО-ДПМНЕ. Ете и ние и Американците си имаме некои заеднички и некои различни нешта.      

(Нано Ружин е универзитетски професор)