Азербејџански трилер во срцето на демократијата во Европа

Последните години Советот на Европа не успеваше да ја одбрани Европската конвенција за човекови права иако заради неа постои


 
 Во вторникот голема публика се собра во германскиот Бундестаг за да ја гледа премиерата на трилерот – Am Abgrund (На работ). Филмот беше инспириран од неверојатната вистинска приказна за кавијар дипломатијата, деценискиот напор на Азербејџан да корумпира десетици парламентарци низ Европа, со посебен фокус на членовите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ). Во средата филмот беше прикажан од германскиот јавен сервис АРД. Следеше документарец за истиот скандал, кој според многумина е најголемиот во историјата на Советот на Европа: двата филма доловуваат како водечката институција за човекови права на европскиот континент ја продаде својата душа.
 
Но, нивната заедничка порака не е за настани што се случиле одамна. Станува збор за тоа дали денес европските демократии ќе ги вложат потребните напори за одбрана на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП). Централната мисија на Советот на Европа е да ја негува и заштити ЕКЧП. Во последниве децении, честопати не успеваше во тоа. Никаде ова не е појасно како во паметната, агресивна и добро подготвена кампања на карбон-автократијата на Азербејџан, поддржана од Русија.
 
Пред десет години, кога Русија ја започна својата војна против Украина а Азербејџан го презеде ротирачкото претседавање со Советот на Европа во 2014 година, Советот на Европа го допре дното. Почна да ѝ штети, а не да и помага на каузата за човековите права. Прашањето денес е како Советот на Европа би можел да ја врати својата душа и да ја игра улогата за која беше создаден пред 75 години.
 
Реагирањето на системските прекршувања на човековите права е прашање на европската безбедност. За жал, оваа лекција беше заборавена во последните две децении во Советот на Европа. Ова тело не реагираше кога Русија на Путин испрати војници во Грузија, членка на Советот на Европа, во 2008 година. Ниту кога Борис Немцов беше убиен пред Кремљ во 2015 година. Ниту кога руски агенти се обидоа да го убијат Алексеј Навални во 2020 година. Ниту кога Русија насилно го анектираше Крим, а потоа го нападна источноукраинскиот регион Донбас во 2014 година, кога реагираше само ПССЕ  и го суспендираше нејзиното право на глас. И тогаш, наместо Советот на Европа да изврши притисок врз Русија, Русија изврши притисок врз Советот на Европа.
 
Во октомври 2016 година, Леонид Слуцки, претседател на Комитетот за меѓународни прашања на руската Дума, инсистираше: „Русија ќе се врати [во ПССЕ] само доколку се променат одредени одлуки“. Во летото 2017 година, Русија прибегна кон финансиска уцена, одбивајќи да го плати својот придонес во организацијата „до целосно и безусловно враќање на ингеренциите на делегацијата“. Во 2018 година, таа ги диктира своите услови: Русија ќе се врати во ПССЕ и ќе ги плати своите неподмирени такси доколку Собранието ги промени правилата за да го отежне повторното отстранување на правата. Во спротивно, се закануваше, целосно ќе ја напушти организацијата. И, Советот на Европа ги промени правилата. Леонид Слуткси го прослави ова во 2021 година како дипломатски пораз на Украина и на балтичките земји. Останатото е познато.
 
Русија, со својата делегација се врати во ПССЕ и  го испрати Алексеј Навални во казнена колонија. Таа продолжи да ги игнорира сите пресуди на Европскиот суд за човекови права и употреби уште повеќе насилство за да ги потисне критичарите низ Русија. Презеде акции против нејзината најпочитувана организација за човекови права, Меморијал и  го подготви теренот за целосна инвазија на Украина, најкрвавата војна во Европа од основањето на Советот на Европа во 1949 година. До моментот кога Русија конечно беше суспендирана и протерана, беше направена огромна штета.
 
Во оваа трагедија беше важен Советот на Европа. Автократите го фатија и го замолкнаа. Тие го користеа своето членство како параван за уривање на човековите права дома и за подготвување агресивни војни во странство. Не сакаа никој да алармира. И денес, режимот во Баку повторно ја пробува истата книга, уверен дека ќе функционира уште еднаш. Во трилерот „На работ“, Герд, германски пратеник во Бундестагот и во ПССЕ од регионот Рур, наидува на голем корупциски скандал. Историското гласање во ПССЕ за политичките затвореници открива дека големо мнозинство од членовите гласаат во одбрана на режимот во Баку. Филмот покажува дека Герд почнува да сфаќа дека бизарното однесување на толку многу негови сопарламентарци – кои лажат за кршење на човековите права и за украдените избори без никаков срам – во голем дел се објаснува со голема кампања за корупција.
 
Во меѓувреме, во Азербејџан, оние кои се противат на режимот завршуваат во затвор, се уценуваат со секс снимки или се напаѓаат. Истражувачка новинарка од Малта, која истражува коруптивни врски меѓу Баку и политичарите во нејзината земја, е убиена во нејзиниот автомобил. На крајот, Герд го предизвикува раководството на ПССЕ, а германските парламентарци осомничени за корупција се уапсени.
 
Овој трилер се заснова на вистинската приказна за Кавијар дипломатијата: корумпираната политика на Баку повеќе од две децении. Нејзиното разоткривање кон крајот на 2016 година кулминираше со падот на Педро Аграмунт, шпанскиот про-Алиев претседател на ПССЕ  во септември 2017 година. Катастрофалното гласање за политичките затвореници навистина се одржа (во 2013 година). Имаше секс снимки за уценување на новинари во Баку. Имаше и вистински Герд, парламентарец од Рур, кој одигра клучна улога во надминувањето на кавијарската дипломатија: Френк Швабе, социјалдемократски пратеник во Бундестагот и во ПССЕ.
 
Истрагата на ESI за кавијарската дипломатија започна во 2011 година и изготви повеќе од дваесет извештаи до крајот на 2017 година. Таа обезбеди анализи и за италијанските обвинители во Милано  кои започнаа истрага за италијански член на ПССЕ на кого му биле префрлени огромни суми пари од Баку преку оф шор компании непосредно пред гласањето за политичките затвореници во 2013 година. На почетокот на 2017 година се случи заеднички притисок за оставка на најлошите апологети на режимот на Алиев во ПССЕ. Следеше официјална истрага. Малтешка новинарка, храбрата Дафне Каруана Галиција, која истражуваше корупција поврзана со Баку во Малта, беше убиена таму со автомобил-бомба во 2017 година. 
 
Документарецот за скандалот вклучува снимка од срамното гласање во јануари 2013 година. Исто така, покажува како е ставен крај на заробувањето на ПССЕ од страна на апологетите на Алиев. Завршува со уште едно историско гласање во ПССЕ во јануари 2024 година, кога, по предлогот на Франк Швабе  поддржан од огромно мнозинство гласови, делегацијата на Азербејџан беше исфрлена од ПССЕ поради грубото кршење на сите стандарди на Советот на Европа. Една недела подоцна, во јануари 2024 година, обвинителите во Минхен објавија дека ќе поднесат обвиненија против истакнати поранешни германски членови на ПССЕ за прифаќање на парите на Баку.ен да обезбеди спроведување на пресудите на ЕСЧП и заштита на стандардите на институцијата.
 
ПССЕ е срцето на демократијата во Советот на Европа. Има 324 пратеници од 46 парламенти. Пред десет години во него доминираа апологетите од Азербејџан. Изборните набљудувачки мисии на ПССЕ во Азербејџан ги пофалија фалсификуваните украдени избори како слободни и фер. Известувачите на ПССЕ за Азербејџан беа главно апологети на режимот, а гласањата во ПССЕ за оваа земја имаа бизарни исходи. Наедно, членовите на ПССЕ беа редовно канети во скапи хотели, опсипувани со подароци, а некои добиваа значителни суми пари. Но, по 2017 година, ПССЕ драматично се промени. Се врати да ја игра улогата што е дизајнирана да ја игра. Интересно е да се разбере како.
 
За време на дебатата за политичките затвореници во јануари 2013 година во Азербејџан, 79 членови на ПССЕ гласаа дека Азербејџан треба да ги ослободи политичките затвореници. Овие 79 беа на вистинската страна на историјата. На почетокот на оваа година, во јануари 2024 година, 76 членки на ПССЕ гласаа дека поради прекршување на сите стандарди на Советот на Европа на азербејџанската делегација треба да и се покаже вратата. Разликата меѓу овие две дебати не беше бројот на пратеници кои се грижеа за човековите права. Тоа беше бројот на оние кои повеќе не сакаа да ја оправдуваат репресијата на Азербејџан во јавноста. Во јануари 2013 година 125 членови на ПССЕ гласаа за заштита на режимот во Баку од критики. Во јануари 2024 година, само 10 членки го сторија тоа: 9 од Турција, најблискиот сојузник на Азербејџан и еден од Албанија. Во 2024 година, многу малку членови на ПССЕ се осмелија да го користат орвеловскиот говор од минатото, изјавувајќи дека Азербејџан е сè уште „млада демократија“ на која „и треба повеќе време“, дека „секоја членка има проблеми, па никој не треба да се издвојува“ или, едноставно, дека кога станува збор за човековите права во Азербејџан, црното е бело.
 
Но, дали оваа приказна за големата корупција, репресија и криминал, за корумпирани и чесни парламентарци конечно има среќен крај? За жал, не. Ниту во Баку, ниту во Стразбур. Во Советот на Европа има повеќе тела од ПССЕ, а другите клучни столбови на системот не го променија своето однесување од 2014 година. Денес, Баку ги полага своите надежи во Генералниот секретаријат и во земјите-членки во Комитетот на министри, очекувајќи дека ќе успее уште еднаш да го натера Советот на Европа да прогласи дека, навистина, црното е бело. Истовремено, репресијата во Азербејџан се интензивира…
 
Есента 2023 година, Ана Идалго, градоначалничката на Париз, покани стотици луѓе во Градското собрание за да разговараат за филмот „Caviar Connection“ (2021). На панелот, со градоначалникот и филмските работници, беше и популарниот азербејџански блогер, Махамед Мирзали. Неговата приказна ја илустрира бруталноста на режимот. Мирзали првпат беше уапсен и измачуван во Азербејџан во 2013 година. Во 2016 година побегна во Франција, каде што доби азил. Од 2020 година во Франција имало три обиди да му биде одземен животот. Првиот се случил во 2020 година, кога бил застрелан и ранет во неговиот автомобил. Вториот се случи во март 2021 година во Нант, каде што беше избоден повеќе пати. Во врска со овој напад беа уапсени четворица мажи, од кои тројца родени во Азербејџан и еден роден во Грузија. Тие беа обвинети за „обид за убиство од организирана банда“. Третиот обид за убиство на Мирзали беше пресретнат во јуни 2022 година:
 
Француската полиција ги уапси двајцата осомничени убијци на 12 јуни на патарина на автопат во близина на Анже, 90 километри источно од Нант, северозападниот град каде што сега живее Махамед Мирзали – жесток критичар на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев. Еден од нив бил Азербејџанец, кој бил вооружен со пиштол. Другиот бил Молдавец со турско потекло. Двајцата возеле автомобили со полски таблички и двајцата ја имале адресата на Мирзали како дестинација во нивните GPS уреди. Еден имал и фотографија од Мирзали во телефонот.

Режимот на Алиев прави огромни напори за да ги гони своите критичари ширум светот. Дома е исто толку немилосрден, со самоволни апсења, уцени и нехуман третман. Бројот на политички затвореници продолжува да расте. Лејла Јунус, поранешна политичка затвореничка, која беше уапсена во 2014 година, ја предводи листата на политички затвореници во Азербејџан, која редовно се ажурира. Овие списоци покажуваат драматичен тренд, а неодамнешните апсења вклучуваат:
-Во декември 2022 година: режимскиот критичар Бахтијар Хаџиев е уапсен (повторно), обвинет за хулиганство и непочитување на судовите. Тој е лишен од сон, чуван е во ќелија без греење и принуден да спие на под во нехигиенски услови.
-Во јули 2023 година економистот и опозициски активист Губад Ибадоглу е уапсен. Само два дена пред апсењето, Губад сподели статија што ја напишал за договорот за гас меѓу ЕУ и Азербејџан во 2022 година. Таму, тој забележува дека Азербејџан ги нема резервите на гас што тврди дека ги има за договорот и веројатно планира реекспорт на руски гас за ЕУ. Тој е обвинет за „производство и продавање фалсификувани пари“. Во затворот, нему му е забрането да пие чиста вода за пиење и есенцијални лекови  и неговата здравствена состојба се влошува.
-Во ноември 2023 година новинарот Улви Хасанли е приведен од маскирани полицајци. Тој е основач и директор на истражувачкиот медиум Абзас („Параграф“ на азербејџански). Уапсен е и заменикот на Улви, како и главниот уредник.  Сите тројца се товарат за „криумчарење девизи“.
-Во декември 2023 година, по објавувањето на предвремените претседателски избори, истакнатиот опозициски активист Тофиг Јагублу е (повторно) уапсен и ставен во притвор.Уште повеќе новинари се уапсени во јануари и март 2024 година.  За време на историската дебата на ПССЕ во јануари 2024 година во Стразбур е испратена јасна порака: Азербејџан мора да ги ослободи овие затвореници и да ја почитува ЕКЧП, или нема место за него во Советот на Европа.
Тофик Мамедов
Могенс Јенсен, дански парламентарец, објасни: „Има 254 [сега 288] политички затвореници и огромен број новинари во притвор. Во последно време 11 се испратени во притвор поради критички ставови за случувањата во Азербејџан. Овие бројки зборуваат сами за себе“. Могенс додаде: „санкциите за такво сериозно и долготрајно непочитување на обврските на земјата и законските обврски не можат да бидат симболични“. Ив Крухтен, пратеник од Луксембург, истакна: „Денес се справуваме со истите проблеми со Азербејџан како пред 10 години… Затоа ми е кристално јасно дека Азербејџан не постигна никаков напредок, апсолутно никаков, во сите тие години“.
 
Членовите на ПССЕ гласаа да им се покаже вратата на пратениците на Алиев. Тие нагласија  дека земја со стотици политички затвореници, која практикува системска тортура, која е без слободен печат, која нема одржано ниту едни слободни и фер избори откако и се приклучи на организацијата и која има најлошо досие меѓу земјите-членки во спроведувањето на важни пресуди на Европскиот суд за човекови права не е само уште еден нормален член на овој клуб на демократии.
 
Во јануари 2024 година, Forbidden Stories, конзорциум на меѓународни истражувачки новинари, претстави серија документарни филмови и написи за тортурата и репресијата во Азербејџан, во кои беше истакнато како Секретаријатот на Советот на Европа ги финансира „реформите“ во затворите и во судскиот систем кој испраќа стотици политичките затвореници во затвор и систематски ги малтретира.
 
Ова е неуспех со лице. За време на нејзините пет години на функцијата, од 2019 година, генералниот секретар Марија Пејиновиќ-Буриќ, поранешната хрватска министерка за надворешни работи, постојано го фалеше режимот на Алиев за непостоечки напредок и помогна да се обели сузбивањето на сите независни медиуми.На 5 април 2022 година, таа  отпатува во Баку кога штотуку стапи на сила репресивниот нов закон за медиуми, а владата во Баку продолжи да го блокира објавувањето на најновиот (2020) извештај на Комитетот за спречување на тортура на Советот на Европа. Во моментот кога таа ќе пристигне, има 125 политички затвореници.
 
Марија се однесува како да не е свесна за сето ова. Таа доаѓа во Баку за да го претстави новиот четиригодишен акционен план за човекови права. Новиот акционен план го подготви нејзиниот персонал, вклучително и канцеларијата на Советот на Европа во Баку, во соработка со властите во Баку. Советот на Европа ќе собере буџет од „9,6 милиони евра“.
 
На почетокот, новиот план наведува што постигнале двата претходни акциски планови -тоа е надреално четиво. Додека „Репортери без граници“ забележуваат дека „претседателот Илхам Алиев го избриша секој привид на плурализам и од 2014 година безмилосно се обидува да ги замолчи сите преостанати критичари“, Акцискиот план ги истакнува само достигнувања. Од 2014 година, тие вклучуваат: „250 новинари од различни региони на Азербејџан беа обучени за слободата на изразување и правото на приватност офлајн и онлајн“. 
Додека Репортери без граници пишуваат дека „практично целиот медиумски сектор е под официјална контрола и ниту една независна телевизија или радио не се емитува од земјата, а сите печатени весници со критички став се затворени“, акцискиот план ветува „дијалог меѓу повеќе чинители за тоа како да се подобри националното законодавство за клеветата и новинарската практика“. Оценката спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права само ги споменува попатно, а наместо тоа, ги слави „тренинзите“ како „достигнувања“:
 
„Обуката на правните професионалци“ беше еден од приоритетите во претходните акциски планови за Азербејџан 2014-2017 и 2018-2021 година… Вкупно 533 правни професионалци (74% мажи и 26% жени) „го зголемиле своето знаење за европските стандарди за човекови права во различни региони на Азербејџан“. Она што навистина е важно, не се споменува. На крајот на краиштата, Секретаријатот на Марија редовно објавува информативни листови за земјата за спроведувањето на пресудите на ЕСЧП. Во средината на 2021 година, додека се составуваше новиот акционен план, Азербејџан беше последен  – дури и зад Русија – во спроведувањето на пресудите на ЕСЧП.
Мониторинг мисијата во Баку
 
Евиденцијата на Баку во врска со оние случаи на ЕСЧП кои Комитетот на министри ги смета за особено важни – приоритетни случаи под таканаречениот „засилен надзор“ – е исто толку лоша. Додека повеќето членки на Советот на Европа се обидуваат да ги затворат ваквите приоритетни случаи што е можно побрзо – 15 земји тогаш немаа отворени приоритетни случаи, 36 земји пет или помалку – Азербејџан затвори само еден приоритетен случај од 19 (!) откако се приклучи на Советот на Европа во 2001 година. А, сепак, во нејзиниот говор во Баку во април 2022 година, Марија наместо тоа изјавува: „Исто така, има важен напредок во однос на владеењето на правото“. Во акциониот план,пак, пишува: „Од 2014 година, техничката соработка доведе до подобрување на ефикасноста на азербејџанските судови и квалитетот на судските услуги“. Црното е бело.
 
На 21 април 2022 година, неколку дена откако Марија го напушти Баку, четворица маскирани мажи го киднапираат познатиот активист за човекови права Бахтијар и го тепаат и мачат. Во јули 2023 година, Губад е уапсен и затворен. На 20 септември 2023 година, Европскиот суд за човекови права му нареди на Азербејџан да го префрли во болница доколку е потребно, привремена мерка заснована на „непосредна опасност од непоправлива штета“ и „закана по живот“. Азербејџан повторно го игнорираше Судот. На 1 декември 2023 година, Институтот за мир и демократија објавува ажурирана листа на политички затвореници: вкупно 254.
 
 На 8 декември, само шест недели по протерувањето на речиси целото ерменско население од Нагорно-Карабах, Марија повторно доаѓа во Баку и  се среќава со претседателот Алиев. Веб-страницата на азербејџанското претседателство за средбата пишува:„Генералниот секретар на Советот на Европа ги пофали реформите спроведени во Азербејџан под водство на претседателот Илхам Алиев“.
 
Истиот ден кога Марија ги пофали „реформите“ на Азербејџан, на 8 декември 2023 година, беа покренати нови обвиненија против Бахтијар. На 14 декември, истакнатиот опозициски политичар Тофик е приведен. На 13 јануари 2024 година, Елнара, уште еден новинар на Абзас е уапсен. Неколку недели по посетата на генералниот секретар, азербејџанската делегација е исфрлена од ПССЕ, а земјите-членки молчат.
 
Додека сите известувачи на ПССЕ опишуваат автократија со брзо влошување на човековите права. генералниот секретар гледа постојан напредок во владеењето на правото и слободата на медиумите, а Комитетот на министри останува тивок и настрана. Членот 3 од Статутот на Советот на Европа се однесува на клучниот поим за искрена соработка во остварувањето на основните слободи во сите земји-членки на Советот на Европа:„Секоја членка на Советот на Европа мора да ги прифати принципите на владеењето на правото и на уживањето на човековите права и основните слободи од страна на сите лица во неговата јурисдикција, и искрено и ефективно да соработува во остварувањето на целта на Советот…“
 
Иако бројот на политички затвореници во Азербејџан е поголем од кога било и се зголемува, Комитетот на министри допрва треба да одговори на наглото влошување на човековите права што доведе до тоа ПССЕ да ја суспендира азербејџанската делегација во јануари 2024 година. Или да реагира на повторените закани од раководството на Азербејџан дека ќе ја нападне Ерменија, друга членка на Советот на Европа.
За да го прекине молкот, Комитетот на министри може да се сврти кон мудроста на основачите на Советот на Европа, да се потсети на судбината на Друштвото на народите и да се сети на лекциите од сопствениот катастрофален неуспех во конфронтација со Путиновата Русија. И да испрати две силни и едноставни пораки:
 
1)Во ниту една земја членка на Советот на Европа не може да има политички затвореници. Членот 8, последен пат евоциран за Русија, ги наведува последиците од континуираното сериозно прекршување на основните принципи:„Секоја членка на Советот на Европа која сериозно го прекршила членот 3 може да биде суспендирана од правата на застапување и  Комитетот на министри може да побара да се повлече според членот 7. Доколку таквата членка не го исполни ова барање, Комитетот може да одлучи дека престанала да биде член на Советот од датумот што Комитетот може да го одреди“.
 
Да се затворат луѓе од политички причини, е очигледно најсериозното прекршување на членот 3. За да остане полноправна членка на Советот на Европа, Азербејџан мора да ги ослободи своите политички затвореници. Доколку не го стори тоа, Комитетот на министри треба да го следи водството на ПССЕ и да го суспендира членството на Азербејџан, врз основа на член 8 од Статутот, пред август 2024 година. Ако го стори тоа, сепак, ПССЕ може да ги врати акредитивите на азербејџанската делегација повторно.
 
2)Пораката од протерувањето на Русија на почетокот на 2022 година е јасна: ниту една земја-членка на Советот на Европа не смее да води агресивна војна против друга членка. Ако тоа се случи, агресорот веднаш ќе биде протеран. Комитетот на министри треба јасно да го каже ова, како општ принцип, пред повторно да биде доцна. (Европски пакт за стабилност-ЕСИ)