Автопортретот на Ацо Шопов пред културната елита: Сите генерации ракоплескаа за непознатиот , а сепак истиот


Сите го знаеме Шопов како суптилен лиричар, но кој го знае како есеист и беседник со изострен слух за литературата и за уметноста, како толкувач на општествените текови и драми, како остар полемичар, ангажиран општественик, издавач и интелектуален работник?
Ете, тој Шопов го откривме синоќа, во преполна хала на симболично избраниот нов простор „Лабараториум“ во Скопје, на промоцијата на текстовите на поетскиот  бард, прв пат објавени во книга „Автопортрет со седум прсти“ , во издание на „Антолог“. А зошто со „седум прсти“, тоа треба читателите да откријат. 
 
 
Му дојде целата културна елита од сите генерации, пријатели, поети, роднини, почитувачи на неговото дело, кои беа сведоци на необичен, но ефектен разговор на учесниците. Како што Молитвите на Шопов извираа една од друга, се влеваа една во друга, на сцената на НОБ, на  премиерата на балетскиот триптих „Молитви на моето тело“, во декември, работен по идеја на костимографот Александар Ношпал, така синоќа течеше и претставувањето на непозната проза меѓу промоторот Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, и ќерката Јасмина Шопова, приредувачка на книгата и потпретседателка на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“. Некаде измеѓу се вклучуваше  и актерот Никола Ристановски кој со врвната интерпретација на текстовите и стиховите на Шопов внесе драмски ефект на вечерта. 
 
 

За првпат, осумдесет години по објавувањето на првата книга на македонски јазик во слободна Македонија, „Песни“ од Ацо Шопов (1944 г.), голем дел од неговите прозни записи сега ги дозна и јавноста, преку книгата, веќе достапна во книжарниците.

Наспроти познатиот лиричар, на речиси шестотини страници на овој „Автопортрет со седум прсти“ се исправа еден друг, речиси непознат Шопов – а сепак истиот! – кој со остро перо пишува за семожните „конфузии“ и „политикантските алузии“ во „нашата мала, нерасповиена литература“, за „литературните и уште повеќе нелитературни конфронтации“, за „стегите на аристократизмот и примитивизмот“, за нашата „провинциска препотентност“ и „особина да импровизираме“, за навиката да „се играме одговорност“ и „напластеното сало на нашето спокојство“… Но и за темните обиди да се покријат со лага страниците од нашата историја, за македонскиот јазик – „трн во окото на големобугарските шовинисти“… Како и за „улогата на поезија во националната афирмација“, за ослободувањето од регионализмот и зачекорувањето кон универзалното во нашата „сериозна и нова литература“, која го носи „здивот на почвата на која се родила и бојата на нејзиното небо“…

Со други зборови, за сè она што и денес нè докоснува, и тоа многу повеќе отколку што нашиот поет можел да поими кога ги објавувал овие свои размисли, во текот на неговите четири децении творечки и општествен живот, од почетокот на четириесеттите до крајот на седумдесеттите години на дваесеттиот век. (Л.С.)