Австрија ќе ги казнува по 7.200 евра невакцинираните


Австриските жители кои ќе одбијат да се вакцинираат против Ковид-19 од февруари, кога ќе бидат задолжителни, ќе се соочат со парични казни до 7.200 евра, открива нацрт-законот за вакцинација против Ковид-19 во Австрија.

Задолжителната вакцинација ќе важи за сите оние кои имаат постојан престој во Австрија. Според нацрт-регулативата што ја виде австрискиот весник Die Presse, се изземени само оние кои не можат да се вакцинираат поради здравствени причини.

Во нацртот останува отворено дали ќе бидат задолжителни и бустер вакцинациите или пак оздравените ќе бидат подеднакво третирани со вакцинираните, што дополнително ќе го дефинираат министерските уредби.

Секој што ќе одбие да се вакцинира ќе биде повикан кај органите на окружната администрација. Доколку двапати ја игнорираат поканата, ќе бидат казнети со парична казна од 3.600 евра. Доколку нивното прекршување на законот за вакцинација против Ковид ги стави другите лица во „сериозен ризик“ или ако продолжат да ја игнорираат наредбата, ќе бидат казнети до 7.200 евра.

Предлог-законот ќе биде претставен на 6 декември.Предлогот дополнително ќе биде разгледан утре, каде што министерот за здравство Волфганг Микштајн и министерката за устав, Каролине Едштадлер, ќе се сретнат со експерти и опозицијата за да разговараат за патот што претстои.

Сепак, некои елементи остануваат нејасни, особено ако некој продолжи да одбива да се вакцинира дури и по добивањето на казните. Според Die Presse, едно од решенијата за кои се разговара е дека оние кои не можат да докажат дека се вакцинирани ќе добиваат парична казна на секои шест месеци.

Поради брзиот пораст на инфекциите, Австрија презеде драстични чекори за справување со четвртиот бранна Ковид. Владата воведе целосно заклучување на 22 ноември, заедно со најавата дека вакцините ќе станат задолжителни за да се спречи здравствената криза да излезе од контрола.Ситуацијата во Австрија станува се потешка во последните неколку недели, со одделенијата за интензивна нега блиску до полн капацитет.

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), 65,2% од вкупното население на Австрија е вакцинирано.

Најавата за задолжителни вакцини ги интензивираше поделбите во австриското општество, при што претседателот Александар ван дер Белен предупреди дека „постои голема опасност несогласувањата да станат подлабоки“.

Популистичката ФПО, која претходно ја изгуби наклонетоста кај гласачите поради низа корупциски скандали, стана сè попопуларна меѓу антиваксерите. Кога владата ги објави своите планови, лидерот на партијата Херберт Кикл, рече дека „Австрија од овој ден е диктатура“ и повика на масовни протести за борба против воведувањето на задолжителната вакцинација.