Австралијка роди „туѓо“ дете, клиниката за вештачко оплодување ги измешала ембрионите


Жена од Австралија родила бебе кое се развило од туѓа оплодена јајце клетка откако клиника за плодност случајно ѝ вградила ембриони на друга жена. До забуна во клиниката Монаш ИВФ во Бризбејн, Квинсленд, дошло поради човечка грешка, јавува Би-Би-Си, повикувајќи се на австралиски медиуми.

„Во име на Монаш ИВФ, сакам да кажам дека искрено ми е жал за она што се случи“, рече извршниот директор Мајкл Кнап, додавајќи дека сите во клиниката за плодност се потиштени поради оваа грешка.

Минатата година клиниката платила во нагодба 56 милиони австралиски долари на стотици пациенти чии ембриони биле уништени иако биле остварливи. Според портпаролот на Монаш ИВФ, персоналот станал свесен за проблемот во февруари кога биолошките родители побарале префрлување на преостанатите замрзнати ембриони во друга клиника. Монаш потврди дека ембрионот на друг пациент случајно бил одмрзнат и префрлен на погрешна личност, што резултирало со раѓање на дете.

Клиниката започна истрага, а Кнап рече дека клиниката е уверена дека станува збор за изолиран инцидент. Монаш рече дека кога бил откриен инцидентот, го активирал кризниот тим и за една недела клиниката во Бризбејн започнала состаноци со засегнатите пациенти за да се извини и да понуди поддршка.

Компанијата, исто така, го пријави инцидентот до релевантните регулаторни органи, вклучително и Одборот за акредитација на репродуктивна технологија, и доброволно пријави до новиот регулатор за асистирана репродуктивна технологија на Квинсленд.

Споменатата спогодба на Монаш од 56 милиони австралиски долари се однесува на колективна тужба од 700 поранешни пациенти за уништување на ембриони по неточно генетско тестирање. Таа тужба покажа дека околу 35% од ембрионите, кои всушност биле нормални и можеле да доведат до успешна бременост, биле означени како абнормални поради погрешно тестирање.

ИВФ – ин витро оплодување или вештачко оплодување – вклучува екстракција на јајце клетки од јајниците на жената, кои потоа се оплодуваат со сперма во лабораторија. Кога оплодените јајце клетки стануваат ембриони, тие се вметнуваат во матката на жената. Тоа е скап процес и не функционира секој пат. Во Австралија и Нов Зеланд во 2021 година, 20.690 деца се родени како резултат на вештачко оплодување.