Австралија застрела илјадници диви коњи заради заштита на екосистемот


 

Илјадници диви коњи во источна Австралија беа застрелани од хеликоптери во рамки на контроверзен план за контрола на нивната популација, со цел заштита на природната средина, јавија австралиски медиуми.

Дивите коњи, познати како „брaмби“, се присутни во Националниот парк „Кошќушко“ во Снежните Планини на државата Нов Јужен Велс веќе 200 години. Тие се дел од австралиската култура и се споменуваат во песни, романи и филмови.

Властите на Нов Јужен Велс имаат план да ја намалат нивната популација од околу 14.380 на 3.000 коњи до 2027 година. Методите вклучуваат заловување и преселување, а во случаи кога тоа не е возможно – одстрел од земја и воздух.

Министерката за заштита на животната средина во Нов Јужен Велс, Пени Шарп, денеска изјави дека отстрелот од хеликоптери веќе не е неопходен, бидејќи популацијата е намалена на околу 3.000 коњи.

Заштитниците на природата тврдат дека дивите коњи, кои не се автохтон вид, сериозно го загрозуваат екосистемот во паркот, уништувајќи влажни зони и загрозувајќи локални видови.