Драма над Белград: Авионот за Дизелдорф полетал и веднаш се вратил. Еве зошто


Пилотот на авионот што вечерва полета за Дизелдорф од белградскиот аеродром „Никола Тесла“ побарал да слета веднаш по полетувањето, што предизвикало мал застој во аеродромскиот сообраќај, дознава „Блиц“.

„Ер Србија“ објави дека летот JU324 од Белград до Дизелдорф, со кој управува партнерска компанија, е вратен во Белград поради технички причини.

Во соопштението „Ер Србија“ наведува дека авионот безбедно слетал на белградскиот аеродром.

„Ер Србија“ жали за непријатностите и прави се што е во нејзина моќ за да се осигура дека летот ќе продолжи што е можно поскоро. Безбедноста на патниците во ниту еден момент не била загрозена“, соопштија од компанијата.

Како што пишува „Блиц“, авионот што вечерва полета од аеродромот „Никола Тесла“ за Дизелдорф, па веднаш слета, имал големи оштетувања во вид на дупки и пукнатини на левата страна од трупот.

Овој инцидент вечерва предизвика метеж на аеродромот.

Како што неофицијално дознава „Блиц“, авионот соборил светлосен сигнал при полетување.

Авионот слета, а сите патници безбедно го напуштија авионот. Во авионот имало 106 патници.

По слетувањето, истекло гориво од левиот мотор на авионот, а пожарникарите го испрскале со пена за да спречат пожар, пишува „Блиц“.