Авионите на Боинг – 737 Макс најверојатно од ноември ќе добијат европска дозвола


Авионите Боинг 737 Макс може да добијат регулаторна лиценца во ноември и да се вратат во функција до крајот на годината, соопшти денеска Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската унија (ЕАСА).

Авионот на Боинг – 737 Макс беше повлечен од употреба во март минатата година по две сериозни несреќи во кои загинаа вкупно 346 лица. Идентификувани се технички неправилности и регулаторите го тестираат за да проверат дали може повторно да лета.

– За првпат по година и пол, можам да кажам дека на повидок е крајот на работите врз Макс, изјави Патрик Ки, извршен директор на европскиот регулатор.

ЕАСА очекува да ја укине техничката забрана „кратко време“ откако американскиот регулатор ќе го стори тоа, веројатно во ноември, но дозволите за работа за некои земји потребни за авиокомпаниите да продолжат да летаат во Европа може да траат подолго, рече Ки.

– Очекуваме ова да биде сторено во ноември, вели тој. – На Кина ќе и треба повеќе време, додаде тој, без да навлегува во детали.